Македонија
Шаќири: Процесот на интеграција во ЕУ останува стратешки приоритет на Владата
Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, ја потенцираше посветеноста на нашата земја во однос на исполнувањето на сите задачи во рамки на Поткомитетот за иновации, информатичко општество и социјална политика во Европската комисија, на денешниот 17. состанок на кој имаше воведно обраќање во својство на копретседавач.
„Владата останува посветена на спроведувањето на клучните реформи истакнати во Извештајот на Европската комисија за 2020 година и организирање ефикасен пристапен дијалог со Европската Унија. Процесот на интеграција во ЕУ на Република Северна Македонија останува стратешки приоритет за развој, стабилност и просперитет на земјата и ние остануваме посветени на овој процес“, рече министерот Шаќири.
Според министерот, од особено значење е одржувањето на редовен дијалог со Европската комисија во рамките на Договорот за стабилизација и асоцијација, со оглед на тоа што, како што рече, овој поткомитет претставува суштински форум за воспоставување и унапредување на континуираниот дијалог во важни области како што се образование и култура, информатичко општество и медиуми, социјална политика и вработување и наука и истражување.
На состанокот, меѓу другото се дискутираше за напредокот во однос на препораките од Извештајот од 2020, како и спроведувањето на заклучоците од Поткомитетот од 2020 година.
Инаку, Поткомитетот за иновации, информатичко општество и социјална политика е едно од телата за дијалог помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, воспоставен во рамки на Комитетот за стабилизација и асоцијација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

