Македонија
Шверцерите на убиената мигрантка Фатима добија по една година затвор, уште нема одговор дали полицаецот го испука куршумот
По една година затвор добија шверцерите на мигрантката Фатима, која беше убиена во Гевгелија по тепачката меѓу нив и полицијата, дознава „Макфакс“. Но, и натаму нема одговор кој го истрела куршумот од полицискиот пиштол во неа – лицата што ја превезуваа или полицаецот.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води постапка. Полицаецот има статус на осомничен. Но, не се знае дали ќе седне на обвинителна клупа или ќе биде ослободен. Одлуката ќе биде донесена кога ќе се добие обдукцискиот наод.
„Истражната постапка е во тек. Предметниот јавен обвинител ги презема сите неопходни дејства за расветлување на случајот. По добивање на извештајот од обдукцискиот наод, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката. За осомниченото лице, предметниот обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција во моментот кога ја отвори истражната постапка до Основниот кривичен суд – Скопје побара на осомничениот да му бидат изречени мерки на претпазливост. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и на осомничениот со решение му определи обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено му е одземена патната или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за „Макфакс“.
Двајцата шверцери, кои беа фатени со мигранти во нивните возила, признале вина.
„Двајцата обвинети имаат неправосилна судска пресуда врз основа на признание на вина со која двете лица се осудени на казна затвор по една година“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за „Макфакс“.
Шверцерите се обиделе да избегаат во моментот кога полицијата сакала да го застане нивното возило. Кога не успеале, застанале, па имало турканици меѓу нив и полициските службеници. Од службениот пиштол на полицаецот бил испукан куршум, кој ја погоди мигрантката Фатима, која почина на 23-годишна возраст.
Невладината организација Second tree објави детали за случајот. Во моментот на пукањето таа била со својот сопруг Абу Бакар, кој барал правда за својата сопруга. Фатима ја минала грчката граница откога земјата го одбила нејзиното барање за азил. Живеела во бегалски камп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општината Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот корисниците на улиците Борис Сарафов и Атанас Иљоски (општина Ѓорче Петров).
Македонија
Магла на два патни правци, најавен собир на регионалниот пат Берово – Струмица, сообраќајот ќе биде блокиран
Поради појава на магла се бележи намалена видливост од 50 – 60 магла има на патните правци Неготино – Градско и Неготино – Демир Капија, извести АМСМ.
Најава за прекин на сообраќај: На 19.12.2025 година во 10.00 часот од страна на Месно население на село Двориште, најавен е јавен собир на Регионален пат П-1302 (Берово – Струмица) на место викано „Студенецо“, при што сообраќајот ќе биде блокиран, а возачите кои сообраќаат по патен правец Струмица – Берово, да ги користат алтернативните патни правци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, претпладне магла
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне наместа ќе има појава на магла. Во југоисточниот дел од земјата ќе дува слаб ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на стабилна воздушна маса до понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. Наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност. Во вторник кон крајот на денот ќе има услови за локален слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

