Македонија
Шекеринска им посака добредојде на 125 професионални војници во големото армиско семејство

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на свеченост во касарната „Илинден“ им ги врачи договорите за работа на 125 нови професионални војници, втора група војници која годинава го подмладува составот на Армијата на Република Македонија.
Шекеринска на новопримените професионални војници им посака добредојде во големото семејство на Армијата, каде заедно со своите постари и поискусни колеги ќе бидат столбот на државноста и сувереноста на татковината.
Министерката порача дека по овој прием на 125 професионални војници веднаш се пристапува кон објавување на третиот јавен оглас, со што оваа година ќе се заокружи приемот на вкупно 375 војници во редовите на АРМ.
„За многумина политиката и искреноста се две паралелни линии кои никогаш не се допираат, но јас не се согласувам. Мислам дека без искреност, отвореност за проблемите, без транспарентност, не може да постои успех во решавање на ниту еден од тие проблеми и затоа од почетокот на оваа година се трудиме она што ќе го најавиме да го испорачаме. На почетокот токму на оваа година ветивме дека 2018 година ќе биде година на подмладување на составот на АРМ и дека во текот на годината ќе распишеме три огласи со кои Армијата ќе се засили со 375 нови професионални војници. Го одржавме зборот и во поглед на нашите стратешки приоритети“, рече министерката.
Поканата за членство во Алијансата е факт и реалност и веќе се почнати пристапните разговори со НАТО, за кои министерката изрази очекување да завршат брзо, ефикасно и квалитетно.
„Вие сте првите кои ќе ги почувствувате многу директно во вашата секојдневна работа придобивките од членството во НАТО. Ќе можете да создавате уште поголем престиж и за вас лично како професионалци, меѓутоа и за Армијата којашто ќе ја претставувате и тоа ќе го правите со најмоќните светски армии од најразвиените држави во светот. Ќе можете да бидете горди што секој од вас со вашата работа, упорност и професионалност ќе може да даде личен придонес кон овој процес на интеграција кој ќе донесе нова ера за Македонија, како 30. членка на НАТО-алијансата“, истакна министерката.
Шекеринска истакна дека Армијата е институција што го ужива најголемиот углед кај граѓаните на Македонија и дека тоа е причина повеќе континуирано да се работи на нејзиниот развој.
„Буџетот за Армијата оваа година порасна за 15 проценти и ќе продолжи да расте со точно определена динамика секоја следна година. Од тоа нема да отстапиме и затоа преземавме обврска и пред вас и пред нашите сојузници. Влегувате во армија во која вработените оваа година, по долги години занемарување за првпат добија покачување на платите од 10 проценти… Она што сакавме оваа година да постигнеме е да покажеме резултати во делот на елементарните предизвици со кои Армијата, за жал, мора да се справува, како што се униформи и чизми. Оваа година за првпат успеавме да потпишеме договор за набавка на чизми со коишто за секој припадник ќе го решиме овој проблем. Продолжуваме со набавката на нови униформи, кои убедена сум дека вие ќе бидете меѓу првите коишто ќе ги носите. Ова се теми коишто не би требало да заземаат голем простор во нашите денешни дискусии, но се теми кои долги години не биле решени“, рече министерката и додаде дека следната година Министерството ќе може да се фокусира на главниот процес – модернизацијата и опремувањето коишто ќе донесат нова и напредна техника и технологија.
Министерката на професионалните војници им порача дека армијата во која влегуваат се развива брзо и ги повика заедно, здружено и сплотено сите да работат за Министерството и АРМ да бидат подобри, поефикасни и попрофесионални.
„Ви честитам на изборот, сте биле меѓу најдобрите, сте успеале да поминете тежок процес на тестирања. Сега ќе ви треба истата енергија, истата сила и истата посветеност за да покажете колку може да ѝ понудите на Република Македонија“, рече министерката.
Во втората група од 125 професионални војници примени годинава, има 14 припаднички на женскиот пол, како и 23 граѓани на Македонија од албанска, турска, бошњачка, српска и ромска националност. На свеченоста во касарната „Илинден“ присуствуваше и началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, заменикот- началник на ГШ на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредин и државниот секретар во МО, Драган Николиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: „Влен“ покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив

„Процесот на вработувања во државните институции се одвива селективно и дискриминаторски, при што Албанците остануваат целосно непретставени. Секојдневно, нивното исклучување станува редовна пракса на оваа Влада“, велат од ДУИ.
„Наместо да се зајакне правичната застапеност, Владата предлага замена на постојниот законски механизам (балансерот) со нефункционална комисија која еднаш годишно ќе подготвува „анализи“. Таквиот модел не гарантира ниту застапеност, ниту фер примена на законот, ниту основна еднаквост.
Дури и овој навредлив предлог-закон не се испраќа во Собранието, што укажува на понижувањето и недостаток на капацитет од страна на остатоците на ВЛЕН.
„Влен“ досега покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив ангажирајќи ја Каракамишева да изготви навредлив закон, кој потоа и самите не се осмелуваат да го достават до Собранието.
ДУИ бара од надлежните институции и од меѓународниот фактор внимателно да ја следат оваа ситуација и да реагираат на назадувањето на правичната застапеност на Албанците во јавните институции“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.
Македонија
Герасимовски: Во мојот мандат Центар доби целосна поддршка за урбаната велосипедска култура

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на средбата со жителите од строгиот центар разговараше за најгорливите урбани предизвици: сообраќајниот метеж, загадениот воздух и потребата од алтернативен превоз.
„Она што секојдневно го отежнува животот во Центар е хаосот во сообраќајот. Затоа вложуваме во решенија за почист воздух и подобар квалитет на живеење“, истакна Герасимовски.
Тој потсети дека Центар е првата општина што воведе субвенции за алтернативен превоз, велосипеди, електрични велосипеди и тротинети, мерка што се надградува од година во година:
„Во мојот мандат воведовме и субвенции за дополнителна опрема, за што интересот постојано расте. Само годинава, од предвидените 600.000 денари за велосипеди, веќе се субвенционирани 197 граѓани”, рече Герасимовски, посочувајки дека во последните три години се дадени субвенции за над 500 велосипеди.
„Жителите на Центар заслужуваат модерен и одржлив град. Затоа продолжуваме со инвестиции во алтернативен превоз, почиста животна средина и поздрав начин на урбано живеење“, порача Герасимовски.