Македонија
Шекеринска од Охрид: Зборот е збор, немаме време за губење
Зборот е збор! Пред две и пол години ветивме членство во НАТО и тоа го испорачавме. За само две и пол години станавме членка на најмоќната воено-политичка алијанса, по 11 изгубени години, истакна носителката во петтата изборна единица, Радмила Шекеринска, од Охрид.
„Зборот е збор, истава година добивме почеток на преговори со ЕУ, по 11 изгубени години. За само две и пол години успеавме да станеме членка на НАТО, да почнеме преговори со ЕУ да ги зголемиме платите и пензиите, трипати да ја покачиме социјалната помош и да ги враќаме парите кон граѓаните. За само две и пол години граѓаните повторно се слободни, а медиумите и критични и секогаш ослободени од притисок од власта. За само две и пол години успеавме нашата држава од изолирана да ја направиме сигурна, членка на најмоќниот сојуз. Повеќе не сме сами ниту во добро ниту во лошо“, рече Шекеринска.
Таа нагласи дека останувањето дома на денот на гласањето може да остане уште една неискористена шанса бидејќи со ВМРО-ДПМНЕ на власт Македонија во ЕУ нема никакви шанси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Започна вториот круг од претседателските и парламентарните избори
Во Македонија утрово започна вториот круг од претседателските и парламентарните избори.
Избирачките места, од кои вкупно 3.480, беа отворени во седум часот, а ќе бидат затворени во 19 часот.
Во вториот круг од претседателските избори граѓаните ќе одлучуваат меѓу Гордана Силјановска Давкова и актуелниот претседател Стeвo Пандеровски.
На парламентарните избори, граѓаните ќе можат да избираат помеѓу 17-те изборни листи, меѓу кои коалицијата „За европска иднина“ предводена од СДСМ, коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, партијата Левица, коалицијата „Европски Фронт“ предводена од ДУИ, коалицијата „Вреди“, движењето ЗНАМ, партиите Родина, Македонска Ера Трета, Демократи, Единствена Македонија, Нова Алтернатива, Аваја, Твоја, Десна, Работничката партија, како и за групата избирачи Џула Челику.
Македонија
Автобусите по неделен возен ред, жичницата нема да работи
ЈСП Скопје извести дека автобусите ќе сообраќаат по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема воопшто да работи.
Со оглед на тоа што денот кога се одржуваат парламентарните и вториот круг од претседателските избори е прогласен за неработен за сите граѓани, и автобусите од градскиот јавез превоз ќе сообраќаат по скратен, односно неделен возен ред.
Воедно, жичницата од Средно Водно во врвот Крстовар нема да работи.
Дежурни билетарници од 7 до 14 часот ќе бидат само две, на Транспортен Центар и Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно, попладне пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне и во вечерните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со обилен пороен дожд за кратко време, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 26 степени.
Во Скопје променливо облачно. Попладне и во вечерните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 25 степени.
До петок ќе се задржи променливо облачно време, на повеќе места нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град. Дневната температура од четврток ќе биде во опаѓање. Во деновите од викендот условите за нестабилност ќе се намалат.