Македонија
Шилегов: Во Ѓорче за 4 години направиме толку, колку што Градот нема направено во изминатите 40 години

Ние малку зборуваме, многу добро планираме, уште подобро реализираме, во општина Ѓорче Петров за 4 години успеавме да направиме толку, колку што Градот нема направено во изминатите 40, истакна кандидатот на СДСМ и Коалицијата за градоначалник на Скопје Петре Шилегов, во обраќањето во Ѓорче Петров.
Тој нагласи дека Данела Арсовска во својата програма нуди проекти кои се веќе реализирани, толку многу ги потценуваат граѓаните, што ветуваат се и сешто.
„Ќе градела булевар Борис Трајковски, тој е направен, ќе градела Булевар Словенија и тој е направен, ќе градела тунели под Лимак и тие се направени“, рече Шилегов.
Тој нагласи дека Булевар Словенија ќе продолжува до Ново село, со мостови преку Лепенец, за да може граѓаните од тој дел да имаат комуникација со градот и вентили за излез, а не да вртат 30 километри за да дојдат до центарот на градот.
„Ние покажавме како се сака Скопје, затоа што рамномерно инвестиравме во 4 години во сите делови на градот, изградивме и реконструиравме преку 40 улици, изградивме 4 нови булевари и тоа АСНОМ, Христијан Тодоровски Карпош, Босна и Херцеговина и Никола Карев заедно со Пластичарска, еден мост завршивме, друг се гради, од подземниот тунел завршени се 300 од 750 метри“, истакна Шилегов.
Актуелниот градоначалник вели дека за Скопје, како брз, модерен европски град не постојат брзи и лесни решенија. Таквите решенија се брзоплети.
„Опозицијата во центарот на Скопје потроши 680 милиони евра, а сега фасадите се распаѓаат на еден ветар, не мислеа на луѓето, мислеа на најкриминалниот проект во историјата на современа Европа – Скопје 2014. Покажавме и докажавме дека граѓаните ни се важни, не се тука граѓаните да служат на политиката, туку политиката да има служи на граѓаните да ги решава нивните проблеми, да отвора нови перспективи, да дава можност на секој подеднакво да живее, да расте и да се развива во современ град“, нагласи Шилегов и најави дека општината Ѓорче Петров и Градот Скопје ќе субвенционираат 50% за секое дете запишано во градинка, бидејќи на младите им треба помош, кога основаат семејство, за да останат тука, тука да ги чуваат своите деца.
Тој нагласи дека во наредниот период ќе продолжи она што е започнато, реализација на визијата во Скопје до 2024 година да нема сообраќаен метеж.
„Ѓорче Петров ќе биде една од почетните станици на БРТ, со кој граѓаните за 20-30 денари за 35 минути со 21 застанување ќе стигнуваат од Ѓорче до Ново лисиче“, нагласи Шилегов, додавајќи дека за ваков проект се зборува 40 години, а градот предводен од СДСМ го доведе во фаза на изградба за само 2,5 години.
Тој истакна дека императив е здравата животна средина и затоа ќе продолжи субвенционирањето во вредност од милион евра секоја година за замена на печките со инвентори.
Тој ги повика граѓаните на 17 октомври масовно да гласаат за број 12, за советот на општина Ѓорче Петров, предводен од Илија Спасовски, за градоначалникот Александар Наумоски, за советот на град Скопје, предводен од Софија Пејкова и за градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, да продолжи Најдоброто, за Скопје какво што го заслужуваат граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Намалена видливост поради магла на Попова Шапка

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради магла 50-60 метри има на Попова Шапка, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
За влез во Влада Алијанса нека ги спречи автобусите со млади од Тетово и Гостивар кои ја напуштаат Македонија, побара Мицкоски

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара Алијанса за Албанците да покаже програма за да може да се разбере нивната желба за влез во Владата. Нагласи дека програма за влез во Влада со реформи за подобар живот на граѓаните не слушнал од ниту една политичка партија ниту пак од политичарите од Алијанса за Албанците.
„Во ред, еве го смениле мислењето, не сакаат повеќе да бидат опозиција, сакаат да бидат власт. Не можам да ги оправдам, но ги разбирам. Ќе ги разберам до крај ако видам платформа со која ќе ги спречат автобусите од Гостивар и од Тетово на млади луѓе да ја напуштаат Македонија и да кажат ние со оваа политика ќе ги спречиме тие луѓе. Ќе ги повикаме да се вратат назад“, рече Мицкоски.
Од Алијанса за Албанците, како политичка партија со многу лекари, Мицкоски вели дека очекувал да понуди платформа во здравството со која ќе понудат услуги кои пациентите ги заслужуваат.
„Не нудат програма, а велат ќе влеземе во Влада. Се поставува прашањето за што ако не за фактот да им се придружат на овие кои го крадат македонскиот народ. Еве нека ми каже некој со кој друг аргумент тие може да го оправдаат нивниот влез во Владата ако не е ова. Не гледам програма“, рече лидерот Мицкоски.
Тој и денес повика час поскоро да се организираат предвремени парламентарни избори оти во спротивно вели дека ќе се зголеми бројот на автобуси кои ја напуштаат Македонија.
Македонија
Место да ја плукате и мразите Македонија, подобрете го стандардот, за 30 отсто е намален бројот на жители во Бугарија, порача Мицкоски

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ги повика македонските власти да престанат со аматеризмот кога се работи за македонско – бугарските односи и понуди помош и поддршка со застанување во прв ред, доколку одлучат да донесат одлука за заштита на македонските национални интереси.
Мицкоски вели дека и покрај сите отстапки, „свитканата кичма“ и се што оваа Влада попушти против интересите на народот, политичкиот аналфабетизам не довел до тоа да трпиме лавина критики и навреди од политичарите од северниот сосед со кои како некој намерно да сака да ја втурне државата во процес во кој ќе се политизира европската интеграција. Тој смета дека е крајно време да се престане од политички маргиналци да се создаваат политички херои па јавно упати пораки и до македонските власти до бугарските политичари.
„Мојата порака до македонските власти е да престанат со овој тип на аматеризам аналфабетизам и егзебиционизам и се што е во заштита на македонските национални интереси ВМРО-ДПМНЕ е тука да поддржи, да застане во првите редови. Мојата порака до бугарските политичари е да се посветат на подобрување на стандардот во нивната Бугарија наспроти тоа да градат кампања на тој кој повеќе ја мрази и кој повеќе плука по Македонија и по Македонците. Затоа што изминативе 30 години за 30 % е намален бројот на жители во Бугарија. Не случајно тие бегаат од Бугарија и покрај тоа што е земја членка на ЕУ, тие немаат доверба во политичарите што се таму. Гледаат дека наместо да работат за интересите на Бугарија работат за лични интереси и се богатат, нешто слично како што се случува и овдека, она што го работи Владата на ДУИ поддржана од СДСМ“, рече Мицкоски.
Тој смета дека политичарите треба да разберат дека треба да бидат слуги на народот, а не да работат само за своите лични потреби и да ги задоволуваат своите хедонистички потреби.