Македонија
Шилегов: Го надоместуваме уништеното зеленило во Мал ринг
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/04/sadenje-drva.jpg)
Градот Скопје ја продолжува пролетната акција за зазеленување на јавните површини во која е планирано да се засадат повеќе од 2.000 садници. Денеска, пред објектот на Македонска пошта, на булеварот ВМРО ќе се засадат 16 дрвја од видот јавор.
Градоначалникот Шилегов, кој присуствуваше на денешната акција за засадување дрвја, објасни дека во 2013 година, според истражувањето на состојбата на зеленилото во Мал ринг, зеленилото во овој дел од Скопје е намалено за 50 проценти како резултат на градењето врз зелени површини во рамките на проектот „Скопје 2014“.
„Земавме обврска пред граѓаните да го вратиме загубеното зеленило што претходната власт го уништуваше каде ќе стигне, додека ние се бориме за секој сантиметар слободен простор за ново зеленило. На оваа локација ќе се засадат 16 висококвалитетни садници од видот јавор, кои ќе бидат наводнувани со систем капка по капка. Овој дрворед ќе биде опремен дополнително со 16 подни тротоарски дренажни решетки. По завршувањето на пролетната акција, продолжуваме наесен, со засадување нови 8.000 дрвја, со што Скопје оваа година ќе добие повеќе од 10.000 нови висококвалитетни садници“, рече денеска градоначалникот Шилегов.
Шилегов потсети дека дрвјата што ќе ги засадува Град Скопје наскоро ќе ги добијат имињата на новородените деца во градот, како дел од проектот „Дрво за секое дете“ и дека градската администрација ќе продолжи со обновување на загубеното зеленило во сите општини во градот.
Примарна цел на Град Скопје за жителите на главниот град е да се обезбедат повеќе чисти зелени површини, што ќе претставуваат трајна придобивка која директно влијае на здравјето на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
(Видео) Полициските хеликоптери исфрлија над 120 тони вода врз пожарите кај селото Тажево и „Јасен“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-203439.jpg)
Денеска Одделот за воздухопловни единици при МВР учествуваше со два хеликоптери во гасење на пожарот во реонот на Јасен.
Во 62 налети исфрлени се преку 120 тони вода со што успеа да се локализираат новите реактивирани краци на пожарот и да се спречи прошорување на пожарот кон селото Брезница , селото Тажево и националниот парк Јасен.
Македонија
Пронајдено детето од Скопје кое беше пријавено дека се оддалечило од домот
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/policija-5.jpg)
Вечерва околу 19.20 часот полициски службеници од СВР Скопје го пронајдоа осумгодишното дете за кое денеска околу 18.40 часот неговата мајка С.Н. во ПС Карпош пријави дека околу 17 часот се оддалечило од домот.
Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје ги презеле сите неопходни мерки и активности и детето било пронајдено во добра здравствена состојба и ќе биде предадено на родителот, соопшти МВР.
Македонија
На Табановце за влез во државата се чека околу еден час
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/07/tabanovce.jpg)
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез во државата се чека е околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани –Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Термините се следни:
– петок од 17:00 – 22:00 часот,
– сабота од 09:00 до 18:00 часот и
– недела од 09:00 до 22:00 часот.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали:
– петок од 15:00 – 22:00 часот,
– сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и
– недела од 07:00 до 22:00 часот.