Македонија
Шилегов: Со тунелот во Центар ја добиваме најголемата пешачка зона во Европа

Со тунелот под Лимак ја добиваме најголемата пешачка зона во Европа и го решаваме сообраќајот во Скопје за следните 50 години, изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој денес одржа презентација на тунелот со кој се спојува булеварот Македонија (Јужен булевар) со бул. Кочо Рацин и поминува под објектот на Лимак, а кој треба да биде готов до 2024 година.
„Ова сообраќајно решение е дел од планот кој го поставив пред четири години кога станав градоначалник – а тоа е Скопје да биде град без сообраќаен метеж, со најголема пешачка зона во Европа во центарот на градот. Со реализацијата на овој план скопјани добиваат брзо и непречено патување низ градот со возила, јавен превоз или други средства за транспорт“, изјави Шилегов.
Во продолжение тој додаде дека целосното сообраќајно решение се состои од три големи целини.
„Првата е токму оваа која денес ја гледаме. Овој коридор кој се прави со изградбата на тунелите под Лимак, овозможува без поминување преку строгиот центар на градот, граѓаните кои патуваат од Карпош, Ѓорче Петров да стигнат до Кисела вода или Аеродром. Практично отвораме нова артерија која ќе го растовари центарот. Во рамки на целото решение за овој дел е вклучена изградба на голем кружен тек на раскрсницата кај Нова Македонија. Со ова добиваме брз и сообраќај без застој во овој дел на градот“, појасни Шилегов.
Додаде дека втората целина од планот е отворање на другата артерија од другата страна на градот со изградба на мостот на булевар АСНОМ. Со ова решение, граѓаните на Аеродром и сите кои доаѓаат од таму, ќе можат директно и без поминување во строгиот центар да патуваат до Карпош.
За планот да биде целосен, рече Шилегов, има уште две големи сообраќајни решенија од кои првото е започнато а тоа е клучката кај Момин Поток и второто решение за кое веќе имаме започнато постапка, пробивање на булеварот Словенија до Волково.
Тој истакна дека сите овие проекти ќе бидат готови до 2024 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Спасовски: Граничната полиција со зголемена откривачка активност при спречување на обидите за илегални преминувања

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и шефот на кабинет Митко Бојмацалиев, вечерва во Демир Капија оствари работна средба со полициските службеници од пунктот за борба со илегалната миграција и криумчарење мигранти во кој работат и делуваат полициски службеници од повеќе од организациски единици во склоп на оперативната акција „Рефлекс“.
„Со денешнава посета ја почнуваме серијата средби со полициските службеници на терен, каде што на лице место во работна атмосфера, директно на терен ќе имаме можност да посведочиме како се остваруваат задачите и плановите со цел да утврдиме што им е неопходно од опрема, процеси и организација за поефикасно извршување на работните задачи, поефикасна борба со сите видови криминал, борба со корупцијата а со тоа гарантирање на безбедноста на сите граѓани.“, потенцираше министерот Спасовски.
Спасовски рече дека од голема важност е потпишувањето на Статус договорот со Фронтекс и распоредувањето на нивни полициски службеници на границите на нашата држава, и дека во текот на 2023 година, продолжува спроведувањето на заеднички мешовити патроли со странските полициски службеници од осум земји во рамки на активноста на ИОМ од 2015 година. Илегалната миграција е актуелна тема што во голема мера влијае врз безбедносната состојба на државата, еден од стратешките приоритети на министерството за кој во континуитет се преземаат мерки во делот на справување со истата. „ За 2022 година, граничната полиција имаше зголемена откривачка активност од 31,2% при спречување на обидите за илегални преминувања. На границите со соседните земји спречени се 27.391 обиди за илегални преминувања. Јужната граница сеуште е клучна точка за влез на мигрантите и нивно натамошно движење, што се огледа и во бројот на спречени обиди на границата со Република Грција- 24.965, каде е забележано зголемување на обидите за 35,5%.“, презентираше дел од резултатите во борбата со миграцијата министерот Спасовски.
Спасовски истакна дека со зголеменото присуство на илегални мигранти на нашите граници, зајакната е и оперативната активност на полицијата на стратешко и регионално ниво што бележи откриени 107 случаи во 2022 година, што претставува зголемување за 68.2%, а бројот на спречени мигранти за речиси 80%. Најголем број од случаите 73% се откриени од страна на полициски службеници од Регионалниот центар „Југ“ чија ефикасност во делувањето се должи на заедничкото делување на мешани патроли со странските полициски службеници од осум земји кои вршат засилен надзор на јужниот дел од државната граница.
Спасовски потенцираше дека функционирањето на безбедносниот систем е основа за функционирање на правната држава и изрази уверување дека ваквите активности на терен директно ќе влијаат врз унапредување на ефикасноста на сите организациски единици на полицијата со цел остварување на уште подобри резултати во обезбедување на мирот и безбедноста на граѓаните на државата.
Македонија
“Бомбашот” пријавил лажни бомби, завршија проверките

Лажни се пријавите за наводно поставени експлозивни направи во училишта, трговски центри и објекти во Скопје.
Министерството за внатрешни работи извести дека денес во 19.10 часот завршија сите потребни проверки во врска со денешните пријави од 16 средни училишта и 5 други објекти во Скопје по добиените пораки на електронски адреси со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
Веднаш по добиените пријави, од полициските службеници беа преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа беа извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки.
Македонија
Владата го проблематизира приемот во ЕУ со национални омаловажувања, му рече Мицкоски на словенечкиот амбасадор

Фрустрациите и разочарувањето кај македонските граѓани е огромно, оцени претседателот на ВМРО-ДПМНЕ,Христијан Мицкоски на средбата со амбасадорот на Република Словенија, Милан Предан, кој ја завршува својата мисија во Македонија.
На состанокот се разговараше за актуелната политичка и економска состојба во Македонија, како и македонските евроинтеграции и постојаните условувања за Македонија.
Мицкоски потенцираше дека владата не испорачува решенија за проблемите на граѓаните, дополнително го проблематизира македонското пристапување кон ЕУ со национални омаловажувања, а народот е разочаран и поради драматичното ниво на корупција.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ исто така истакна дека по многу национални откажувања, на Македонија треба да и се даде шанса да стане дел од Европската унија, без непримерни барања и без национални уцени.
На средбата, Мицкоски му се заблагодари на амбасадорот за одличните билатерални односи и поддршката која Словенија ја дава на Македонија во многу области.