Македонија
Шилегов: Треба да се признае и да се каже – Скопје во овие четири години израсна во велоград

Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, изјави дека мрежата од велосипедски патеки е зголемена за повеќе од две третини за четири години. „Ние успеавме за повеќе од две третини, за само четири години, да ги зголемиме велосипедските патеки“.
Шилегов истакна дека новите велосипедски патеки се сериозно видливи во градот Скопје.
„Барем за велосипедските патеки, мислам дека во градот Скопје тие се сериозно видливи, вклучително и коридорите и конекторите помеѓу ‘Партизанска’ и ‘Илинденска’, булеварот Србија до булеварот Александар Македонски, тоа се работи што сериозно недостигаа“, рече Шилегов.
Тој нагласи дека треба да се признае и каже дека Скопје веќе израснал во велоград.
„Она што во градот е добро направено секогаш има можност да се поправи, меѓутоа треба да се признае и да се каже: Да, Скопје, конечно, во овие четири години израсна во велоград“, додаде тој.
Исто така, истакна дека во Скопје од 2017 до 2021 се доделени над 15 илјади субвенции за велосипеди.
„Во овој период велосипедските патеки се ослободени од автомобили, обезбедени се со столпчиња, а мрежата на велопатеки достигна 110 километри. Не станува збор само за патеки во центарот, туку изградена е мрежа од велопатеки од Ѓорче Петров до Маџари и на исток до Ново Лисиче и Пинтија. Изградени се 10 конектори, поставени се над 100 паркинзи за велосипеди, направен е првиот велоштад во Скопје, а изградени се и два памптраци. Ослободен е и градскиот кеј, кој со години беше затворен за велосипедисти.
Скопје е меѓународно признаен како велоград – град на кој веќе му завидуваат соседните градови, како што е Софија“, порача Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Средба на Спасовски со амбасадорот на Словенија, Милан Предан

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Словенија во Република Северна Македонија, Милан Предан, на кој му завршува мандатот во земјава.
На средбата Спасовски му се заблагодари на амбасадорот Предан за поддршката од страна на Република Словенија во процесите за започнување на преговори со ЕУ и одличната соработка на Амбасадата на Република Словенија во Република Северна Македонија со Министерството за внатрешни работи, изразувајќи уверување дека истата ќе продолжи да се развива во континуитет и со новоименуваниот амбасадор.
Спасовски му врачи плакета од МВР на Предан во знак на благодарност за успешната соработка и модернизирање на капацитетите на МВР на Република Северна Македонија
Македонија
Сали по најавите дека ќе го сменат: Ќе ме видите уште најмалку петпати

По една година министерување во здравство, Беким Сали на чекор да ја предаде функцијата на кадар од Алијанса за Албанците. Тој денеска имаше презентација на опрема во тетовската болница. На новинарите им посочи дека не го гледаат за последен пат, а откако тие му посочија дека матичната партија се откажува од него и го предава министерсвото на друга партија.
„Ова не ми е последен јавен настап, не е, затоа што оваа недела ќе ги промовираме сите центри кои добија соработката со Светска банка, така што најмалку уште пет пати ќе се гледаме, за понатаму ќе видиме. И да сте десет години министер никогаш нема да стигнете до крај да ги решите проблемите во здравството, многу е важно тоа што ќе го кажете во јавноста, да го исполните“, рече министерот Сали.
Инаку, Сали дојде како министер за здравство кога неговата партија Алтернатива влезе во Владата, во јануари минатата година. Во тек се преговорите на владејачката СДСМ со Алијанса за Албанците, каде неофицијално се бара овој ресор, за да партијата даде поддршка за владините политики.
Македонија
Унгарската претседателка без коментар за азилот на Груевски: Се радувам што се развиваат односите меѓу нашите држави

Унгарската претседателка Каталин Новак се огради од дадениот азил на експремиерот на Македонија, Никола Груевски. Прашана од „Макфакс“ како може Унгарија, земја членка на ЕУ, да даде азил на лице кое што е на црната листа на САД и ексфункционер, кој се гони за криминал и корупција – таа немаше конкретен одговор.
Посочи само дека се радува што Груевски не ги нарушил односите меѓу Македонија и Унгарија.
„Првиот дел во однос на Груевски, би сакала да кажам дека тоа е во надлежност на нашето правосудство и јас за тоа многу се радувам дека во рамките на мојата посета се уверив во тоа дека нашата меѓусебна соработка на ниво на држава се развива успешно и дека имаме добра основа и понатаму да се гради и развива и дека односите меѓу унгарските и македонските граѓаните се на високо ниво и тоа не влијае на никакви криминални прашања и на никакви криминални односи“, одговори Новак на прашањето од „Макфакс“.
Експремиерот Никола Груевски во 2018 година избега од Македонија во Унгарија, каде што експресно доби политички азил. Македонија бараше екстрадиција поради судските постапки што се водат против него, но барањето беше одбиено. Пет години, никој не сноси одговорност за неговото бегство, кое се случи непосредно пред да влезе во затвор за случајот „Тенк“, односно набавката на луксузниот „мерцедес“.