Македонија
Што побргу да се донесе законот за средно образование, за децата со попреченост ќе го реши проблемот со образовни асистенти, вели народниот правобранител

Народниот правобранител пред почетокот на учебната година на сите ученици, особено на првачињата, преку соопштение им посакува успешна година, во која ќе се стекнат со нoви знаења, ќе совладаат нови вештини, со помош на кои понатаму ќе се доизградат како личности, кои ќе дадат придонес за општеството во сите сeгменти.
Имајќи ја предвид клучната улога на образованието во развојот на личноста на детето, народниот правобранител во оваа пригода апелира до сите инволвирани во воспитно-образовниот процес и до родителите максимално да се посветат на образованието и воспитувањето на децата, да работат со нив, да им го дадат потребното внимание и грижа, да им обезбедат помош и поддршка, како и разбирање за прашања во врска со училишниот, но и секојдневниот живот, притоа почитувајќи ги децата како носители на права и водејќи сметка најдобриот интерес на детето да биде водечки при донесувањето одлуки, се вели во соопштението.
„Во овој контекст, потсетува дека децата треба да ги вклучат во сите процеси што се однесуваат на нив или се во врска со нив, со што ќе испратат јасен сигнал дека во текот на училишната година не се оставени сами на себе и дека во секој момент за секој проблем, без страв и ограничување, има кому да му се обратат за да го решат проблемот или дилемата што ја имаат.
Што се однесува до оние што се одговорни за спроведувањето на политиките во образованието, народниот правобранител потсетува дека основното и средното образование се задолжителни и бесплатни, а обезбедувањето учебници и други помагала, како и превоз на учениците, се само дел од предусловите за непречено одвивање на квалитетен образовен процес за сите деца, вклучително и за децата во ризик, децата што потекнуваат од социјално загрозени семејства, како и децата со попреченост. Следствено, препорачува што побргу да се донесе законот за средно образование, кој за децата со попреченост системски ќе го реши проблемот со обезбедувањето образовни асистенти, со чија помош и поддршка на полесен начин ќе го совладуваат дадениот материјал“, се наведува во соопштението.
Народниот правобранител ги охрабрува учениците да покажат интерес за заштита на своите права, да ги запознаат и без страв да пријават евентуално нивно непочитување или повреда, без оглед дали повредата е во рамките на домот (семејството) или во училиште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.