Македонија
Што ќе правиме – ќе правиме, до крајот на 2026 година Кичево – Охрид ќе биде завршен, ветува Николоски за патот што се гради десет години
Автопатот Кичево – Охрид ќе биде целосно функционален до крајот на 2026 година, уверува министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, и најавува негово откочување. Крајот на 2026 година е рокот што го утврди техничката Влада на чело со Талат Џафери откога меѓународни експерти ја советуваа владата дека договорот со изведувачот „Синохидро“, кој веќе десет години го гради патот, не треба да се раскине под услов ниту Владата ниту компанијата да не бараат отштета. Министерот Николоски вели дека автопатот Охрид – Кичево има многубројни проблеми, на чие откривање тие работат во моментот.
„Дел е поврзан со експропријација, дел е поврзан со проектирање косини, дел е поврзан со објекти што се на самата траса, пред сѐ, бензински пумпи, кои треба да се дислоцираат, а се на самата траса. Она што можам да кажам е: како ќе правиме – ќе правиме, ветувањето што го дадовме дека до крајот на 2026 година ќе има функционален автопат, тоа што го напишавме во нашата програма, ќе го реализираме и до крајот на 2026 година Охрид – Кичево ќе биде завршен“, рече министерот Николоски пред почетокот на денешната трибина „Развој како услов за опстанок на македонското градежништво“, организирана по повод одбележувањето 75 години постоење на Градежниот факултет.
Место четири години, колку што првично беше предвидено, автопатот Кичево – Охрид се гради веќе десет години. Последното продолжување на рокот за негово завршување од март годинава беше поради појавата на 13 свлечишта. Токму проблемите што се појавија на трасата на овој автопат, деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски, вели дека треба да бидат поука дека особено внимание треба да се посвети на проектирањето.
„Наравоучение од она што се случува со автопатот Кичево – Охрид е тоа дека проектирањето вакви сериозни инфраструктурни проекти, особено линиски, заслужува многу поголемо внимание, многу подолг период на проектирање за што поподготвено да се влезе во фазата на изработка на проекти. Има таму многу елементи што се специфични од разни аспекти, меѓутоа генерален заклучок може да се произнесе дека проектирањето е исто така многу важна фаза во целокупната изградба на вакви капитални инвестиции. Проектот има долга историја. Работен е во едно друго време. Почнато е проектирањето во минатиот милениум, 1999 година со некои други сфаќања и други правила во решавање одредени технички проблеми. Кога денес би се проектирал овој автопат, сигурно би се пристапило поинаку и би се нашле поинакви решенија за одредени проблеми што сега се јавуваат“, рече деканот Марковски.
Вина кај проектантите за одолжувањето на изградбата на патот Кичево – Охрид посочуваше и експремиерот Димитар Ковачевски. Ги спореди со сметководители и рече дека проектанти со свлечишта се исти како сметководители со погрешни завршни сметки, но освен во неколку изјави, на друг начин не побара одговорност ниту од проектантите ниту од изведувачот. Ковачевски неколкупати најави и можно раскинување на договорот со „Синохидро“, но експертите советуваа дека треба да им се дозволи да го довршат почнатото.
Автопатот Кичево – Охрид почна да се гради во 2014 година, а трошокот за негова изградба надмина половина милијарда. Долг е 57 километри. Првично требаше да биде завршен до 2018 година. Кога стана извесно дека нема да се изгради во предвидениот рок, изградбата беше пролонгирана до 30 јуни 2021 година, потоа до 31 декември 2023 година, а свлечиштата што се појавија ја пролонгираа изградбата до крајот на 2026 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

