Македонија
Ѓорчев: Животот во Македонија дојде само за фирмите блиски до владиниот врв
Дали сомнителните бизнис-интереси и милионските шеми помеѓу власта и приватниот бизнис стануваат приоритет, а интересот на граѓаните останува во втор план за оваа Влада и оваа гарнитура, запраша на денешната прес-конференција Владимир Ѓорчев, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„На седницата за гласање доверба на Владата граѓаните јасно слушнаа дека вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој беше своевремено претставуван како еден од најбогатите луѓе во државата, дента кога стапнал на функцијата втор човек во Владата на Заев, имал долгови од 26 милиони евра. Поминаа 5 дена, а од Анѓушев нема никаков коментар. Граѓаните се прашуваат дали долговите што ги има Анѓушев се причината за негово активно влегување во политиката и дали тој ја користи функцијата втор човек во Владата на Зоран Заев за добивање тендери и државни привилегии“, истакна Ѓорчев.
Како што посочи тој, веднаш по доаѓањето на Кочо Анѓушев на функцијата вицепремиер, неговата фирма „Фероинвест“ добила тендер во висина од 2,6 милиона евра од државната фирма ЕЛЕМ.
„Граѓаните останаа фрапирани кога Анѓушев во екот на преговорите за името на Република Македонија и идентитетот на Македонија, почна да лицитира со имињата и да кажува дека сè е прифатливо. Дека е прифатливо Нова, Горна, Северна или какво било друго решение, за кое, според неговите зборови, е согласен за тоа. Набргу потоа граѓаните дознаа дека Анѓушев е во фаза на продажба на својата фирма за трговија со струја, ЕДС, на грчкото државно електростопанство, фирма што е во доминантна сопственост на грчката држава. Дали ова е случајно или не“, запраша Ѓорчев.
Додаде дека сомнежите за злоупотребите на функцијата во повеќе инстанци не застануваат тука.
„Владата во ноември минатата година ја укина царината за литиум јонски акумулатори само за производителите на машини и други производи што користат вакви батерии, но не и за трговците. Единствена фирма во Република Македонија што користи вакви акумулатори е фирмата ‘Брако’, токму во сопственост на Кочо Анѓушев. Граѓаните прашуваат дали Кочо Анѓушев со нивните пари од буџетот на државата преку разни тендери и преку разни царински ослободувања ги враќа долговите што ги имал пред да влезе во политиката“, рече Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.
Истакна оти додека фирмите на Анѓушев нижат тендери и царински ослободувања, државата економски очигледно стагнира, па дури оди и надолу.
„Животот очигледно дојде само за фирмите блиски до врвот на власта. Државните средства не смеат и не треба да се користат за враќање нечии долгови“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

