Македонија
Ѓорѓиевски вети дека ќе ги среди проблемите со ЈСП, ако стане градоначалник на Скопје
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денеска на панел-дискусијата „Локалната и централната власт работат за тебе“ која се одржа во рамки на Саем-Отчет, истакна дека на претстојните локални избори на граѓаните ќе им понуди безбеден и инклузивен град во кој граѓанинот ќе биде во централниот фокус, но пред сè, рече, ќе се посвети на решавање на двата најгорливи проблеми во градот – комуналната хигиена и јавниот превоз.
– На Скопје му требаат брзи и ефикасни решенија, она што јас ќе го понудам на нашите сограѓани за наредните четири години ќе биде отворен, транспарентен град, безбеден град и инклузивен град каде што граѓанинот како никогаш досега ќе биде во централниот фокус и ќе го има приматот, сите наши креации во наредните четири години ќе потекнува изворно од граѓанинот и ќе биде за подобрување на неговите услови за живот. Комунална хигиена и ЈСП се двата најгорливи проблеми, рече Ѓорѓиевски.
Нагласи дека уште од самиот почеток ќе се фокусира на двата столба, односно реорганизација на комуналната хигиена и средување на како што рече катастрофалната состојба со Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП).
– Главен и сериозен фокус ќе биде освен заштитата на животната средина, третирањето на комуналната хигиена, нејзина реорганизација од аспект на механизација и кадров потенцијал, вториот момент кој ќе биде наш фокус е средување на состојбите со ЈСП, еден од главните проблеми на нашите сограѓани е токму транспортот. Тоа се првите два сериозни столба на кои ќе се насочиме од самиот почеток, рече Ѓорѓиевски.
Програмата за претстојните локални избори ќе биде креирана заедно со граѓаните, истакна Ѓорѓиевски, а во неа, како што рече, ќе се содржат решенија за сите проблеми со кои се соочуваат граѓаните.
– Ние сме на изработка на програмата, како никогаш досега ја креираме задно со граѓаните, домашни и меѓународни експерти, ќе понудиме еден добар концепт за граѓаните, еден модел во којшто сите овие горливи проблеми со кои живеат за жал нашите сограѓани, за многу скоро време ќе станат минато. Заедно со Владата очекува силна поддршка во наредните 4 години, не се сомневам дека ќе бидат евидентни резултатите. Ќе понудиме концепт кој ќе содржи за решенија за сите проблеми на граѓаните, брзи и ефикасни,преточени во една долгорочна стратегија на градот Скопје, истакна Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март не доби поддршка од пратениците од власта. Предлогот денеска беше на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта го одбила и предлогот за јавна расправа и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.

