Македонија
Ѓорѓиевски: Голготата ќе продолжи, за жал, единствен излез е Арсовска да си поднесе неотповиклива оставка и да се оди со избори во Скопје
Како од понеделник, со почетокот на учебната година, ќе го решат акутниот проблем со недостиг на автобуси во јавниот превоз, не кажаа ниту градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска ниту владините претставници, но денес продолжија со обвинувања. Претседателот на Заедницата на локалните самоуправи (ЗЕЛС) и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, и денес повтори дека решение на проблемите на скопјани е оставка од градоначалничката откако на вчерашната седница на Град Скопје не најдоа начин за зголемување на бројот на автобуси за јавен превоз.
„И сè да се овозможи од она што градоначалничката го бара, во пракса нема да има некаков напредок, исчекор. За жал, скопјани се заложници во моментот на еден човек, кој има проблем со себе, тоа мора да го признаеме, на кој сите му се криви, освен прстот да си го впери во себе и да си го најде проблемот во себе. За Скопје, спас во моментот е доколку Арсовска си поднесе неотповиклива оставка. Арсовска нема поддршка ни од нејзините соработници, по неколкумина директори на јавните претпријатија менува на шест месеци. Знаеме дека станува збор за личност што е конфликтоман по природа и не сака да придонесе за развојот на градот“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски денес по дебатата за предлог-законите за јавната администрација.
Тој потсети дека Владата ѝ понудила рака за соработка, но таа ништо не прифатила, на состанокот со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа дошла неподготвена, па затоа не верува дека во наредниот период нешто ќе се среди.
„За жал, верувам дека ќе продолжи голготата, потенцирам, за жал, и единствен излез е Арсовска да си поднесе оставка и да се оди со нови избори за Скопје затоа што проблемите се далекосежни, последиците се далекосежни. Не се последиците само за јавниот транспорт, проблеми има и во ‘Водовод и канализација’, проблеми има и во ‘Комунална хигиена’, во ‘Паркови зеленило’, практично проблеми има во секое јавно претпријатие и во нивната функционалност. Ние до недоглед може да бараме вина во кого било, но вината на крајот на денот е во менаџерот, во тој што добил историска шанса од граѓаните да направи нешто за својот град и за своите граѓани. Немаме напредок на тоа поле“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски вели дека градоначалниците на скопските општини од сите политички партии нема да се откажат од едногласното барање за одземање на ингеренциите на Град Скопје. По укажувањето од министерот Перински дека не може да се оди директно со одземање на ингеренциите на Град Скопје, Ѓорѓиевски најави дека е можно токму градоначалниците на скопските општини да бидат иницијатори за измена на законските решенија.
И министерот Перински денес рече дека е подготвен за измени во Законот за локалната самоуправа.
„Би поддржал какви било измени на кој било закон, само да се реши ова лудило. Ние барањето од ЗЕЛС мора да го гледаме по два основа. Првин е правниот основ. Во согласност со постојните законски решенија, законски утврдените овластувања што ги има Град Скопје не може да бидат одземени. Втората основа ни беше што од тоа и како ќе биде спроведливо во пракса. Ние бараме инстант-решенија бидејќи надвор има 40 степени, а Скопје тоне во смет. И да го решаваме ова на начин по укажувањата од градоначалниците, верувајте, за ова треба време. Менаџментот и Советот на Градот се местата на кои може најлесно и најбргу да се решат проблемите“, рече министерот Перински.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на вчерашната седница на Советот на Скопје побара советниците да изгласаат одлука за набавка на нови екоавтобуси, а за што не доби поддршка со објаснување дека автобуси на Скопје му требаат сега, а не по една година и со ново задолжување. Кога не доби поддршка, Арсовска порача дека вината што скопјани чекаат автобуси на горештини и студ е поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ не гласа нови автобуси и ги жртвува здравјето и животот на граѓаните за политички поени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

