Македонија
Ѓорѓиевски на меѓународен самит во Сараево: Со паметни и флексибилни транспортни решенија до зелена транзиција и транспорт
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денес се обрати на меѓународниот самит на зелена мобилност во Сараево, каде што учествуваат високи делегации од ЕУ, Западен Балкан и други земји набљудувачи.
Учесниците на овој самит, со кои градоначалникот Ѓорѓиевски имаше многубројни билатерални средби, разменуваат знаења и искуства со цел промовирање одржлива мобилност, односно за имплементирање паметни и флексибилни транспортни решенија. На првата сесија говореа и Магда Копчинска, директор на Директоратот за транспорт на ЕК, директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек, албанската министерка Белинда Балуку, премиерот на кантонот Сараево, Нихад Ук, министерот Един Форто и министерот Весич.
Како претседател на Асоцијацијата на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС во Република Мaкедонија и како прв човек на Општина Кисела Вода, градоначалникот Ѓорѓиевски укажа дека единиците на локалната самоуправа имаат клучна улога во реализирањето на концептот за зелена транзиција, и тоа не само во доменот на транспортот туку во целокупниот развој на локалната економија бидејќи 70 % од релевантните политики и од законодавството за животна средина и зелена енергија на Европската Унија усвоени и на национално ниво подразбираат нивна реализација на локално ниво.
„Општините, како најблиска власт до граѓаните, не само што треба да ги спроведат законите туку претходно треба да обезбедат и соодветен амбиент и да обезбедат нивна поддршка од населението“,истакна во своето обраќање градоначалникот Ѓорѓиевски додавајќи дека во Македонија процентот на поддршката на политиките за борба против климатските промени и заштитата на животната средина е прилично висок, но, сепак, во преземањето конкретни активности за спроведување на зелената агенда и декарбонизацијата на економијата земјата е во почетен залет.
Истакна дека за преземање поголеми чекори, што ќе дадат глобален придонес за зелена транзиција, потребни ни се сериозни финансиски средства како на нашата земја така и на земјите од Западен Балкан.
„Работиме на давање предност на велосипедите и велосипедските патекинаспроти сообраќајниците и автомобилите; предност на зеленилото наспроти бетонизацијата; примена на обновливи извори на енергија и паметни алатки за уличното осветление; водење грижа за енергетската ефикасност и друго. Работиме и кон подигнување на јавната свест за селекција на отпадот и значењето на циркуларната економија, како и за намалување на потрошувачката и користење помалку природни ресурси од порано. Во доменот на можностите даваме поддршка и на локалната економија во насока на нејзина полесна зелена транзиција. Но, за зафаќање со крупни инвестиции ни недостигаат големи финансиски средства. Тука би користеле за: обезбедување прочистителни станици за заштита на сите водни ресурси; справување со дивите депонии, односно воспоставување одржливо управување со отпадот и изградба на стандардизирани депонии. Понатаму, зголемување на капацитетите на јавниот транспорт и негова дигитализација, како и осовременување и проширување на железничкиот систем. Клучна поддршка треба да им дадеме и нашите земјоделци за примена на климатско-паметно земјоделство со пренасочување на земјоделските субвенции кон еколошко обработување на земјата. Потребно е да преземеме активности за да го подготвиме образовниот систем за обезбедување на нови занимања, кои ќе даваат поддршка на зелената транзиција“, истакна претседателот на ЗЕЛС додавајќи дека има верба дека позитивните промени ќе се случат.
„Ние остануваме оптимисти. Ја прифаќаме потребата за промени и интензивно работиме и ќе работиме и во иднина на заштитата на животната средина и спречувањето на климатските промени во насока на обезбедување општа благосостојба во светот“, заокружи претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, на меѓународниот самит во Сараево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

