Македонија
Ѓорѓиевски: Утрово срушен нелегално граден објект во Кисела Вода, нема толеранција за никого

Акција за рушење на нелегално граден објект рано утринава се одвиваше во општина Кисела Вода.
Се работи за индустриски капацитет спроти трaфостаница во индустриската зона на патот Пинтија-Драчево, изграден со нерегуларна документација, информираа од општината. Градоначалникот Ѓорѓиевски, упати порака дека новиот, законски начин на работа во оваа општина е видлив и дека нема да има толеранција за никој што ќе одлучи да се стави над законите.
„Пред две години, започнавме ново поглавје во функцинирањето на Општина Кисела Вода. Како што се обврзав пред граѓаните, оваа локална самоуправа сега има исклучително транспарентен начин на работа со доследно почитување на законите. Секој оној кој мисли дека може да ги заобиколи правните процедури ќе биде најстрого санкциониран и денешниот настан е еклатантен пример дека нема толеранција за никого. Утрово срушивме индустриски објект изграден под далновод, каде, согласно Законот за градба, е строго забрането градење на било какви градби. Со тоа сакаме да им укажеме на сите оние кои се заинтересирани да градат, дека ја имаат нашата целосна поддршка доколку ги почитуваат законски предвидените процедури, но и дека има најстроги казни за оние кои ги кршат законите. Кисела Вода сега е општина во кој функционира правната држава и во која незаконското работење се казнува“, изјави Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Лосон демнатира, Македонија нема да прифаќа мигранти од Британија

Британскиот амбасадор Метју Лосон на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата на Република Македонија ги демантираше тврдењата дека договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство подразбира прифаќање мигранти од Британија.
„Драго ми е што земјата се согласи на оваа соработка, но таа се однесува на полициската координација меѓу агенциите. Тоа го правиме и со повеќе европски земји. Не станува збор за тоа дека Македонија ќе прифаќа мигранти од Британија“, истакна Лосон.
Тој додаде дека договорот предвидува интензивна соработка во справувањето со организирани мигрантски групи, размена на доверливи информации и зајакната координација на безбедносните служби.
„Ова е широко партнерство. Има многу шпекулации во медиумите, и кај нас и овде. Но суштината на договорот е во економијата и безбедносната соработка“, појасни амбасадорот.
Премиерот Христијан Мицкоски, од своја страна, ја поздрави отвореноста на Обединетото Кралство и порача дека Северна Македонија останува посветена на меѓународната координација во борбата против нелегалната миграција и криминалот.
Македонија
Ахмети му порача на Мицкоски дека Албанците не се гости во оваа држава

На завршниот мобилизациски собир на ДУИ во Арачиново, лидерот Али Ахмети испрати остри политички пораки до премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за обиди да се загрози соживотот и мултиетничкиот карактер на државата. Во преполна сала со граѓани, Ахмети го искористи говорот за да ја заокружи кампањата на ДУИ и да реагира на најавените промени на закони кои, според него, директно ги засегаат Албанците.
„Ние не ја носиме државата со себе – ние имаме право да ја водиме, тоа ни припаѓа! Албанците се над 30%, живеат континуирано на своите огништа и се нераскинлив дел од државноста“, изјави Ахмети, реагирајќи на стравувањата дека Албанците наводно ја „преземаат државата“.
Ахмети упати и директно прашање до Мицкоски, барајќи објаснување за измените во Законот за употреба на јазиците и за Охридскиот рамковен договор.
„Зошто го менува Законот за употреба на јазиците? Зошто го менува Охридскиот Мировен Договор? Зошто го загрозува мирот, стабилноста и безбедноста на државата?“, праша Ахмети, посочувајќи дека таквите политики водат кон опасна радикализација и поделби.
Особено ја осуди реториката за „чесни Албанци“, оценувајќи ја како враќање на идеологии од минатото.
„Знаете ли кој ја користеше филозофијата за ‘чесните Албанци’? Милошевиќ! А секој што денес ја промовира таа идеја, ја оживува логиката која Албанците ја поразија“, рече Ахмети, потенцирајќи дека Албанците денес се академски и политички оформени, со три универзитети и илјадници стручни кадри.
Според него, државата не може повеќе да се води едноетнички, а оние кои, како што кажа, „му служат на злото“, не можат да бидат партнери на Албанците.
Во завршницата, Ахмети повика на регионално помирување и европска интеграција, со јасно отфрлање на националистичките проекти:
„Ние не бараме Голема Албанија, ниту Голема Србија, ниту Голема Бугарија – туку Голема Европа без граници, како што направија Германија и Франција.“
ДУИ, со овој собир, стави крај на низата мобилизациски средби низ земјата, најавувајќи продолжување на политичката борба за еднаквост, соживот и европска иднина.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пресудата за модуларната болница е срамна и политички мотивирана

ВМРО-ДПМНЕ остро реагираше на судската пресуда за трагедијата во модуларната болница во Тетово, во која во септември 2021 година животите ги загубија 14 лица. Од партијата ја оценија пресудата како срамна и донесена под политички притисок од страна на СДСМ и ДУИ.
Во партиското соопштение се посочува дека казната затвор од една година и шест месеци за поранешните директори на тетовската болница, како и паричната казна од околу 16 илјади евра за Клиничката болница Тетово, не ја одразуваат тежината на трагедијата.
„Оваа пресуда не е во служба на правдата, туку единствено во служба на Венко Филипче и Али Ахмети“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата сметаат дека правосудниот систем е под целосно влијание на владејачките партии, и побараа институциите да поведат постапка за разрешување на сите инволвирани во носењето на одлуката.
„Ги повикуваме надлежните да поведат постапка за разрешување на судиите кои донеле срамна пресуда, како и Управата за јавни приходи да го испита потеклото на имотот на судијата кој ја донесе оваа одлука“, стои во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ исто така упатија остри зборови кон поранешниот министер за здравство Венко Филипче, за кого тврдат дека „свесно и по налог на Заев, Анѓушев и Ахмети го презел тендерот за изградба на модуларните болници од локалната самоуправа“.
Партијата истакна дека ќе поддржи секоја форма на револт и незадоволство од оваа пресуда и додаде дека „право, правна држава и одговорност мора да има“.