Македонија
Ѓуровски: Науката и високото образование во државата се маргинализирани
Денеска на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ во Битола свечено се промовираше формирањето на УКЛО алумни клубот. Целта на основањето на алумни клубот е зајакнување на врските и комуникациите помеѓу универзитетот со дипломираните студенти од прв, втор и трет циклус на студии, односно УКЛО-алумнисти, како и поттикнување на нивната поддршка за промоција на универзитетот и нивно вклучување во активностите на УКЛО.
Во своето обраќање на промоцијата проректорот Марјан Ѓуровски нагласи дека приватниот бизнис-сектор е маргинализиран во процесот на управување, програмирање и финансирање на високото образование и научните истражувања и има најниско учество во технолошко-иновациската дејност во регионот. Според него, потребни се образовни политики кои ќе изградат култ од образованието како најважен државен, национален и економски ресурс, наместо негова маргинализација и потценување.
„Науката и високото образование не треба да се третираат како потрошувачка, туку како најважна продуктивна сила на општеството. Три децении имаме континуирано ниско ниво на јавни вложувања во високото образование и научноистражувачката работа, најниско во регионот и пошироко“, смета Ѓуровски.
„Без двоумење и политичко калкулирање треба да се поттикне критичка расправа за состојбите и развој во креирањето посебна високообразовна и научната политика на државата која денес ја немаме. Од ресорното Министерство за образование и наука денес високото образование е запоставено и на маргините на делување. Имам чувство како високото образование да е сирак во семејството на образовни политики и делувања покрај – основното и средното чиј сегменти се составен дел од образовниот мозаик. Само различностите во мислењето ќе нè доведат конечно до вистинска високообразовно-научна реформа, за која доцниме најмалку 20 години бидејќи е нужен предуслов за влегување во стабилен период и развој на општеството, како и конечно завршување на тридецениската транзиција на македонската држава. По толку години сè уште немаме одговорено на прашањето каква наука и високо образование ни се потребни и дали постоечкиот модел е добар, функционален, исправен, продуктивен и не вади надвор од состојбата во која се наоѓаме“, нагласи Ѓуровски.
Ректорот на битолскиот универзитет, Сашо Коруновски, нагласи дека со подготвеност идејно, креативно и практично дипломираните студенти кои се во алумни клубот ќе партиципираат во развојот и напредокот на универзитетот и ја преземаат улогата на лидери, алумнисти кои на интерактивен начин прераснуваат во следбеници на трендовите насочени кон обезбедување одржливост на универзитетот и пошироко, на вредностите во општеството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

