Македонија
Јавен повик за финансиска поддршка на проектот „Прослава и животот на Горан Стефановски“

Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека Општина Центар објави јавен повик за финансиска поддршка за проектот „Прослава на животот на Горан Стефановски“, кој ќе се реализира на 27 април 2025 година во чест на роденденот на еден од најголемите македонски драматурзи.
„Горан Стефановски е еден од нашите најголеми културни творци и имаме обврска да го зачуваме неговото наследство, особено за помладите генерации. Овој проект е многу важен за Општина Центар и за македонската култура бидејќи преку организацијата на настанот ‘Горан е тука!’, покажуваме дека луѓето што оставиле голем белег имаат само датум на раѓање и во една друга уметничка форма се секогаш присутни во нашето општество. Роденденот на Горан Стефановски, 27 април, се одбележува од 2019 година, па така и овој април посветуваме внимание на легендата која потекнува токму од нашата општина, од срцето на Дебар Маало“, рече Герасимовски.
Проектите поддржани со овој јавен повик ќе бидат составен дел од Годишната програма за култура на Општина Центар за 2025 година и во согласност со тоа вкупниот износ на финансиската поддршка за проектот изнесува 300.000 денари.
Право на учество имаат сите здруженија, организации и правни субјекти што дејствуваат во областа на културата најмалку една година и се регистрирани со седиште на територијата на општина Центар.
Рокот за пријавување е 5 дена од денот на објавување на јавниот повик (26.3.2025) на веб-страницата на Општина Центар, а сите заинтересирани може да ги поднесат своите пријави и документација преку пошта или лично во архивата на Општина Центар – Скопје.
Пријавата за финансиска поддршка е достапна на веб-страницата на Општина Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Облачно со повремен дожд, попладне нестабилно

На терторијата на Македонија ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2).
Утринските температури се движат меѓу 2 и 10, додека највисоките во текот на денот соодветно ќе бидат во интервалот меѓу 6 и 17 Целзиусови степени.
Во Скопје и околината денеска, исто така, ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, со највисока температура до 15 степени.
Македонија
Дождот ќе се задржи до четврток, стабилизирање дури во петок

Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд.
Попладне, наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2). Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 15 степени.
До четврток ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд, особено во попладневните часови. Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2), грмежи и засилен ветер. Стабилизирање на времето ќе има во петок.
Македонија
Хуманитарен концерт на Тамара Тодевска – Пееме за Кочани

Со цел поддршка и помош на семејствата на починатите граѓани и повредените во трагедијата во Кочани, Тамара Тодевска организира хуманитарен солистички концерт.
Имено, овој музички настан ќе се одржи на 17. април (четврток), од 20:00 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Средствата од продажбата на билетите ќе бидат наменети за семејствата на починатите граѓани, како и за сите повредени во трагедијата.
Информациите за продажбата на карти ќе бидат објавени претстојните денови, а Тамара ги повикува сите свои фанови и луѓе кои ја почитуваат македонската музика да бидат дел од овој концерт:
– Хуманоста и солидарноста се вредностите кои можат да ја вратат надежта, а се толку потребни за семејствата на починатите и повредените граѓани во трагедијата во Кочани. Во моментите на тага и жалост – да останеме луѓе, да пееме македонска музика, да пееме за Кочани. На 17. април (четврток), во @mkc_skopje, од 20:00 Ве повикувам на хуманитарен концерт за Кочани, посочи Тодевска на своите профили на социјалните мрежи.
Продажните места за картите за овој концерт ќе бидат објавени на офијалните канали на социјалните мрежи на Тамара Тодевска на Instagram и Facebook.