Македонија
Јамалов: Буџетот за 2026 година е буџет на развој, солидарност и со јасна насока кон европскиот економски модел на развој
На денешната седница во Собранието, се обрати пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јамалов кој истакна дека Буџетот за 2026 година не е само бројка туку одраз на визија, стратегија и одговорност кон граѓаните и идните генерации и напомена дека истиот е насочен кон стабилност, раст и развој. Јамалов посочи дека целта на Буџетот за 2026 година е да се задржи стабилноста на јавните финансии, да се забрза економскиот раст и да се подобри животниот стандард на граѓаните на Македонија.
„Со реален раст на БДП од над 3,8%, со намалување на инфлацијата и одржливо ниво на јавен долг, државата покажува дека води стабилна и одговорна фискална политика. Особено важно е што капиталните инвестиции понатаму остануваат еден од најсилните столбови на овој Буџет. Се инвестира во модерни патишта, железничка инфраструктура, енергетска ефикасност и регионален развој“, појасни Јамалов.
Според него ваквите проекти не се само бројки на хартија туку истите значат подобра поврзаност, нови работни места и посилна економија, а секоја денарска алокација има конкретна цел која е насочена кон создавање на вредност и поттикнување на продуктивноста на стопанството.
„Буџетот е и Буџет на граѓанинот, во него се предвидени средства за подобро здравство, квалитетно образование, поддршка за младите и за зголемена социјална сигурност. Просечната плата расте, а новите мерки за поддршка на бизнис секторот и иновациите отвараат можност за вработување и поголема конкурентност на македонската економија“, вели Јамалов.
Пратеникот Јамалов укажа дека во Буџетот за 2026 година посебно внимание е посветено на земјоделството, локалниот развој и рамномерната распределба на средствата, со што секоја општина и секој регион ќе имаат можност да учествуваат и придонесуваат во заедничкиот развој на државата.
Заклучи дека вака концепираниот Буџет за 2026 година уште еднаш ја потврдува определбата на Владата за фискална дисциплина, отчетност и транспарентност, стабилни јавни финансии и јасна насока кон европскиот економски модел на развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај низ државата по влажни коловози, слаб снег на Попова Шапка и Ѓавато
Од 12 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Стар Дојран, ГП Богородица и ГП Меџитлија. Од 12:20 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Ќафасан и ГП Блато, извести АМСМ.
Од 12:00 часот пред ГП Долно Блаце започнат е протест на превозници со тешки моторни возила, поради што товарниот сообраќај кон ГП Долно Блаце се пренасочува кај БП Дизел, а останатиот сообраќај се одвива нормално. Од 12 часот отпочнати се блокади и на ГП Деве Баир, ГП Делчево и ГП Ново Село, велат од АМСМ.
Сега засега блокиран е само сообраќајот за ТТВ за излез од државата додека за останатите категории на возила се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено,по влажни коловози. Снег со слаб интезитет паѓа на Попова Шапка и Ѓавато кој во моментов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Карпош и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани прекини и тоа:
– во периодот од 08:30 до 15:00 часот, корисниците на улицата Ордан Поп Јорданов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Римска. (општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен дожд
Претпладне променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

