Македонија
„Јаневска ги остави без превоз средношколците од Ресен – државата штеди на младите“, велат од партијата Левица

„Целосната неспособност и игнорантски однос на министерката за образование Весна Јаневска ги остави без превоз средношколците од Ресен на самиот почеток од учебната година! Средношколците се извисени поради негрижа на МОН и за нив нема организиран ученички превоз до Битола и Охрид, а единствената „алтернатива“ што државата ја нуди е сместување во интернат со нехумани услови, кои се под секое достоинство“, велат од партијата Левица.
„Учениците биле принудени да аплицираат за прием во интернатот, според строги критериуми за оценки и месечни приходи. Според небулозните правила на МОН, само доколку се одбиени, имаат право на надоместок за превоз, иако автобуски линии нема. Средношколците се присилно обврзани да живеат во интернат, дел од нив одбиле поради ужасните и несоодветни услови, како што е недостиг на вода.
Со оваа политика, власта на ДПМНЕ практично ги казнува учениците што сакаат да се образуваат, ги става родителите под финансиски притисок и испраќа јасна порака дека образованието е привилегија за малкумина, а не право за сите. Наместо безбедни и достапни услови за образование, и оние млади кои се’ уште не се иселиле – се принудени да патуваат со свој трошок или да живеат во средина опасна по нивното здравје и достоинство.
Градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски наместо да молчи пред срамот на неговата партија, должен е во најбрз рок да обезбеди превоз. Со оваа политика, каде владејачката елита штеди на образованието на младите, додека расипнички троши за нејзини привилегии – власта на ДПМНЕ им праќа порака на младите што побрзо да се иселат од држава која не се грижи за нивната иднина“, се додава во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Над 126.000 луѓе присуствуваа на 111 собири против блокадите

Директорот на српската полиција Драган Васиљевиќ изјави дека на 111-те собири „Граѓани против блокади“, чие одржување го пријави Центарот за социјална стабилност, денеска имало вкупно 126.399 луѓе.
Тој рече дека сите собири поминале без инциденти, но дека во Шабац и Чачак имало ненајавени паралелни собири на луѓе кои се обиделе да го спречат одржувањето.
„На ненајавениот собир во Шабац, сообраќајот бил затворен, граѓаните (против блокади) биле запрени од група луѓе… Таму можело да се случат инциденти, јас лично разговарав (со организаторот на собирот) и ги замолив да ја променат рутата. Разговарав и со претседателот Александар Вучиќ. Морам да напоменам дека на регистрираниот собир биле над 4.200 луѓе, додека на ненајавениот собир имало околу 400, значи десетпати помалку. Организаторите го прифатија мојот предлог за промена на рутата, поради што им се заблагодарувам за разбирањето“, рече директорот на полицијата.
Македонија
Јавен обвинител бил во „Макпрогрес“ ама увидот не е почнат, пожарот уште тлее

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство од Кочани бил во фабриката „Макпрогрес“ но, како што информира Државното јавно обвинителство, увидот се уште не е почнат бидејќи пожарот не е во целост изгаснат и се уште траат активностите за обезбедување на локацијата.
– Во меѓувреме, јавниот обвинител издава наредби и насоки за други дејствија за целосно испитување на настанот, информираат од Јавното обвинителство.
Пожарот во фабриката за кондиторски производи и вафли избувна вчеравечер околу 18 часот при што беа опожарени магацински и производствени погони. Покрај пожарникарите од Виница, во гаснењето беа вклучени и пожарникари од неколку соседни општини.
Сите се во стабилан здравствена состојба. На осум лица, вработени во фабриката, им била укажана лекарска помош во Клиниката за токсикологија во Скопје. Четворица од пожарникарите кои учествуваа во гаснењето на пожарот, биле примени во Општата болница во Кочани, а една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип.
Македонија
Полициски хеликоптер и два ер трактори се борат со пожарот кај Раштак

Пожар попладнево изби над скопското село Раштак на Скопска Црна Гора. Чадот од пожарот се гледа од поголем дел од Скопје.
Дирекцијата за заштита и спасување информира дека пожарот се гасне и од воздух и дека се вклучени два „ер трактора“ и еден полициски хеликоптер.
– Во гаснењето учествуваат повеќе екипи на БППЗ Скопје, тим на ДЗС, два ер трактора на ДЗС и еден полициски хеликоптер, информира директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.