Македонија
Јаневска: Го зголемивме бројот на ромски образовни медијатори, ги поттикнуваме младите Роми повеќе да учат за да имаат подобра иднина

Го зголемивме бројот на ромски образовни медијатори. Досега се ангажираа 40 годишно во основно образование, оваа година ангажираме 50. Со измени на Законот за средно образование, дополнително ќе бидат ангажирани 35 медијатори, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на потпишувањето договори со избраните медијатори по првиот јавен повик. Вчера беше објавен и повторен повик за шест ромски образовни медијатори.
„Образовните медијатори имаат благородна работа да им објаснат на родителите и да ги убедат учениците колку е важно да учат и да одат на училиште. Истовремено, треба да имаат добра соработка со училиштата, за да го зголемиме бројот на запишани ученици Роми и да спречиме тие да го напуштат образованието предвреме. Медијаторите им помагаат да ги надминат потешкотиите со кои се соочуваат и ги мотивираат да достигнат што повисоко образовно ниво“, објасни Јаневска.
Посочи дека зголемувањето на инклузијата на децата Роми во основното и во средното образование е програмска определба на Владата и затоа, освен поддршката преку образовните медијатори, се зајакнува и помошта преку стипендии.
Оваа учебна година вкупно 1.200 средношколци Роми ќе добијат стипендија. Тоа значи дека Министерството за образование и наука одобри дополнителни 280 стипендии , споредено со лани.
Исто така, за студиската 2024/2025, доделени се вкупно 150 стипендии на редовни студенти Роми запишани на студии од прв циклус на јавните и приватните високообразовни установи во земјава.
За да се зголеми бројот на ученици од ромската етничка заедница во средно образование, тие можат да се запишат и ако имаат до 10% помалку поени од бројот на поените предвидени согласно огласот.
Министерката Јаневска нагласи дека во образованието нема да се толерира дискриминација и сегрегација.
„Ние оваа определба цврсто ја поткрепивме со измените што ги правиме во регулативата за основно и за средно образование, за да обезбедиме еднаков пристап до образование на учениците Роми. Вклучивме и конкретни мерки за спречување и борба против сегрегацијата и дискриминацијата на Ромите“, рече министерката.
Посакувајќи им успешна работа на образовните медијатори, им укажа дека со нивниот ангажман можат да поттикнат што повеќе млади Роми да стекнат што повисоко образование и да добијат што повеќе знаења и вештини, со што ќе ја променат иднината на многу сегашни деца, на подобро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Без вода делови од Гази Баба и Кисела Вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Михаил и Евтихиј бр. 33 во населба Кисела Вода, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Михаил и Евтихиј. ( општина Кисела Вода).
Од таму со соопштение дека поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. 30 во населба Трубарево, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населба Трубарево. ( општина Гази Баба ).