Македонија
Јаневска: Дуалното образование ја зголеми вработливоста на младите
Концептот на дуално образование го создава потребниот, добро подготвен кадар за потребите на стопанството и со тоа го намалува јазот помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на човечки капитал. Заедно со нашите партнери, овој концепт на образование ќе продолжиме да го спроведуваме и надградуваме, во рамки на проектот „Образование за вработување“ кој пак, овозможи обединување на енергијата и заедничко креирање ефективни образовни политики.
Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска при денешната посета на компанијата „Ронтис“ во Велес, каде заедно со швајцарската амбасадорка Вероник Улман, извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев и со проектниот тим лидер, Курт Вутрих извршија увид во спроведувањето на практичната настава директно на работно место за учениците од Регионалниот центар за стручно образование и обука „Коле Неделковски“.
„Има многу компании кои се вклучени во дуалното образование и следат високи стандард за едукација и грижа кон учениците, односно над 550 во оваа учебна година. Организираат практична настава за речиси 4000 ученици од дуалните паралелки во 62 средни стручни училишта“, рече Јаневска, додавајќи дека ова се добри бројки, до кои е дојдено со многу труд на Министерството за образование и наука и голема поддршка од швајцарската амбасада, Делегацијата на ЕУ, бизнис заедницата, граѓанскиот сектор и самите училишта.
Министерката изрази очекувања дека соработката помеѓу сите кои досега се грижеа за унапредување и промоција на средното стручно образование ќе продолжи, не само преку проектот „Образование за вработување“, туку и воопшто низ сите канали кои даваат ефект, додавајќи дека очекува наскоро да се донесе и новиот Закон за стручно образование и обука, кој е во собраниска процедура и со кој всушност системски ќе се уреди концептот на дуално образование.
„Како министерка преземам и конкретна иницијатива за оваа соработка да продолжи, па така веќе министерството испрати допис до општините и средните стручни училишта кои во координација со компаниите треба да достават информации за реалните потреби од одреден кадар, за да можеме соодветно да ги планираме и квотите за упис на ученици во средно образование во конкурсот за следната учебна година“, додаде Јаневска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

