Македонија
Јаневска: „Еразмус“ доби 7 милиони евра за 161 проект
Со „Еразмус штафета – кутија во движење“, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ја започна агендата за одбележување на Еразмус денови 2025.
Учениците и наставниците од основното училиште „Ацо Шопов“ во Бутел се првите што симболично во кутијата ќе ги остават своите пораки и препораки за да стимулираат нови корисници на програмата. Откако кутијата ќе ги заобиколи училиштата во државата, сите писма ќе бидат јавно објавени.
На отпочнувањето на активноста присуствуваше министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која изрази задоволство што по повеќе години во кои кредибилитетот на Националната агенција беше доведен во прашање, поради констатирани нерегуларности во работењето, доаѓа период во кој оваа институција започнува нормално да функционира.
„Довербата е вратена, одобрени се средства од ЕУ за финансирање на проекти во рамки на Еразмус програмата за 2025 година, за која пак, интересот е значително пораснат. Тоа се гледа од фактот дека годинава за над 100% е зголемен бројот на апликации за проекти за мобилности на ученици и наставници во рамки на Еразмус, споредбено со лани. Ако во 2024 беа поднесени 150тина апликации, годинава се поднесени над 300“, рече Јаневска.
Информираше дека договори ќе бидат потпишани за 161 проект во вредност од околу 7 милиони евра и тоа претежно од областа на инклузијата, нови методи на учење и подучување, дигитална трансформација и демократија, а ќе бидат опфатени 270 институции и организации од Македонија.
Директорката на Националната агенција, Ана Михајлов рече дека е задоволна од сработеното во изминатите два месеци, а најважно е што се откочени процесите кои беа доведени во прашање во изминатите неколку години.
„Веќе ги добивме средствата од ЕУ и ќе издвојам дека оваа година партнери на нашите институции, организации и училишта во реализација на проектите се сродни институции и организации од земји како Италија, Шпанија и други од ЕУ, за разлика од порано кога најчесто вмрежувањето беше со земји од Западен Балкан. Секако и натаму се негува регионалната соработка, но добро е што одиме и малку пошироко во Европа“, рече Михајлов.
Директорката посочи дека оваа година ќе има 600 мобилности повеќе споредбено со лани, што значи зголемен број учесници и корисници на придобивките од Еразмус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

