Македонија
Јаневска за проблемите со градскиот превоз: Недозволиво е поради тоа да се попречува основното право на учениците да се образоваат
Тоа што во главниот град на државата нема превоз, го попречува основното право на учениците да се образуваат, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, прашана за проблемот со градскиот превоз во Скопје.
„Анализата на Министерството од е-Дневникот покажа дека нема значајна разлика на неоправдани изостаноци во овој период во споредба со истиот период минатата година. Претпоставувам дека учениците и родителите прават најдобро што можат, односно се организираат за нивните деца да стигнат на училиште, но и наставниците имаат разбирање за ова што се случува. Состојбата е многу лоша и срамота е во главниот град на Македонија да им се оневозможи правото на учениците да добијат соодветно образование што е загарантирано право и со Уставот“, изјави Јаневска, додавајќи дека е недозволиво сите напори кои ги прави Министерството за образование и наука, промените за подобрување на квалитетот на образованието, да бидат спречувани поради неорганизираност на градските власти.
Изрази надеж дека градските власти сериозно ќе ја сфатат оваа ситуација и итно ќе најдат соодветно решение.
Министерката рече дека ги поддржува студентите кои најавија дека ќе се приклучат на протестот пред Град Скопје, доколку не се реши проблемот со градскиот превоз.
„Студентите се апсолутно во право, имаат право својот револт на каков било соодветен начин да го изразат и ако ова е единствениот начин да најдат решение за нивниот проблем, јас ги поддржувам“, одговори Јаневска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДС шири непотребна паника за визите, не станува збор за забрана за патување во САД, велат од ВМРО-ДПМНЕ
СДС наместо да биде конструктивна опозиција, која ќе има аргументирана критика, таа пласира тенденциозна манипулација со цел дефокусирање од сопствениот неуспех., велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Да разјасниме за јавноста и граѓаните СДС користи дезинформации за американската визна политика. Факт е дека не станува збор за забрана за патување, ниту за целосен прекин на визи за граѓаните. Едноставно, станува збор за времена на постапки поврзани исклучиво со иселенички визи за САД, за којшто има најмал број на апликации“, велат од владејачката партија.
Дополнително, велат од ВМРО-ДПМНЕ, не станува збор за целосна забрана за патување или влез во САД, и не влијае на другите категории на визи за САД, односно не претставува никаква пречка и не постои никакво ограничување за другите категории на визи како што се туристичката виза, студентска итн, односно политиката останува непроменета по однос на овие визи.
Воедно, велат од ВМРО-ДПМНЕ, сакаме да ја потсетиме јавноста и СДС дека кога се појавија податоците за тарифите за даноците од САД, опозицијата критикуваше дека сме вброени во земјите со највисоки тарифи, а кога ВМРО-ДПМНЕ издејствува да бидат најниски, СДС ги снема, наеднаш исчезнаа од јавноста.
„Истото се случува и сега. Наместо одговорно информирање се шири паника и се шпекулира. Македонија има одлична и континуирана соработка со нашиот стратешки партнер САД, а тоа ќе продолжи и во иднина, затоа што работиме исклучиво во интерес на граѓаните и државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
фото/Depositphotos
Македонија
ИЈЗ: Нема потреба од продолжување на зимскиот распуст, грипот на ниво на средна активност
Во втората недела од 2026 година, состојбата со грипот во земјава се наоѓа на ниво на средна активност, со зголемен број на заболени, но без потреба од воведување претерани мерки, изјави д-р Драган Кочински од Институт за јавно здравје.
Од 5 до 11 јануари регистрирани се вкупно 2.322 заболени лица, што е за 34,6 отсто повеќе во однос на претходната недела. Во споредба со истата недела претходната сезона, бројот на заболени е зголемен за 2,2 пати.
Највисока инциденца на заболување се бележи кај децата на возраст од 0 до 4 години. Заболени лица се регистрирани во 25 региони во државата, при што најмногу регистрирани случаи има во Скопје, а само во Берово, Пехчево и Делчево досега нема ниту еден регистриран случај.
Одговарајќи на новинарско прашање за можноста за продолжување на зимскиот распуст, д-р Кочински истакна дека иако растот на бројот на заболени е забележан неколку недели порано од вообичаено, нема потреба од таква мерка.
„Бројките се очекувани за овој период од годината. Точно е дека засега имаме раст неколку недели порано од очекуваното. Засега сме во средна активност и тоа засега не дава можност да даваме претерани мерки како што е продолжување на зимскиот распуст. Ја следиме состојбата и доколку има промени, ќе дадеме соодветни препораки“, изјави тој.
Во однос на училиштата и градинките, од ИЈЗ апелираат децата со симптоми на акутно заболување да не се носат на настава, со цел да се спречи ширењето на заразата.
Како општи мерки се препорачуваат избегнување на простории со голем број луѓе, редовно проветрување, консумирање витамини и минерали, како и останување дома во случај на заболување. Доколку симптомите се влошуваат или не се повлекуваат, граѓаните се упатуваат да се јават кај матичен лекар или инфектолог.
Најдобра заштитна мерка, според здравствените власти, и понатаму останува вакцинацијата.
Од ИЈЗ посочуваат дека пикот на грипот се очекува од крајот на јануари до средината на февруари.
Македонија
Николоски -Агелер: Македонија и САД се стратешки партнери кои ќе продолжат да работат на јакнење на економските врски
Економската соработка меѓу Македонија и САД е во континуиран пораст и тоа се должи на спроведување на реформите кои влијаат врз довербата на граѓаните и инвеститорите, заклучија заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и амбасадорката на САД, Ангела Агелер на денешната средба во Министерството за транспорт.
„Одличните односи меѓу двете земји ја поттикуваат економската соработка“, истакна вицепремиерот Николоски и дополни дека подобрување на деловната клима е една од стратешките цели за побрз економски и општествен развој во сите сегменти на државата.
На средбата се разговараше за реализација на проектите на Коридорите 8 и 10, како и 10-д, преку силната посветеност на Македонија во доизградба и модернизација на овие стратешки регионални проекти.
„Вклучноста на компании од САД во реализација на инфраструктурните проекти е од огромно значење за создавање на нови знаења, технологија и практики за домашните компании и гарант за успешна реализација на капиталните проекти“, потенцира вицепремиерот Николоски.
На средбата на која уште еднаш се потврдија одличните односи меѓу Македонија и САД, се разговарше и за стратешкото партнерство меѓу двете земји и силната подршка на САД во насока на јакнење на демократските процеси, структурните реформи во државата, владеење на правото, борбата со корупцијата како и процесот на пристапните преговори за членство во ЕУ.
Во име на македонските граѓани, вицепремиерот Николоски изрази голема благодараност за подршката што преку својот личен ангажман ја овозможуваше амбасадорката Ангела Агелер во текот на својот мандат, како искрен пријател на Македонија.
„Пријателството и партнерството меѓу двете земји ќе продолжи во континуитет“, заклучија вицепремиерот Николоски и амбасадорката Агелер, преку заедничката посветеност во процесот на демократизација и спроведување на суштинските реформи.

