Македонија
Јаневска: Исправивме голема неправда, во првото полугодие 30-тина деца на подолготрајно лекување редовно следеа настава
Учениците кои отсуствуваат од настава подолго од три недели, затоа што се на болничко лекување, можат да го продолжат образованието преку онлајн вклучување во наставата во реално време во својот клас, да ги користат доставените материјали и задачи од наставникот или пак, наставникот да организира индивидуална настава во зависност од состојбата на ученикот, по прилагодена наставна програма на таквата состојба и за тоа да се користат постојни дигитални алатки. За новото системско решение, кое стартуваше од почетокот на оваа учебна година, на денешната панел-дискусија говореа министерката за образование и наука Весна Јаневска, како и Милка Тримчевска – директорка на Бирото за развој на образованието, Марија Вук – претседателка на НВО „САНО“ и Маја Георгиева-Павловски, психотерапевт, семеен и системски советник.
„Исправивме една голема неправда од минатото и спречуваме еден облик на дискриминација да се провлекува во иднината. За да може да се реализира наставата, спроведовме обуки за над 160 наставници во 83 училишта. Подготвивме и прирачник за наставници со јасни инструкции како да ги вклучуваат децата во настава, преку која форма, како да водат педагошка евиденција, да го проверуваат знаењето на учениците.
„Според сите информации кои ги добивам од училиштата, од наставниците, родителите и здружението САНО, ова решение одлично функционира“, посочи Јаневска.
Изминатите четири месеци, на ваков начин триесетина деца биле вклучени во настава. Министерката рече дека реакциите на учениците, родителите и наставниците укажуваат дека ова решение, кое ја подигнува инклузивноста на нашиот образовен систем, е одржливо.
„Секогаш ќе има деца кои ќе се соочуваат со здравствени предизвици и ниту едно не смее да биде изолирано од настава. Затоа е важно да бидат информирани за можноста, а наставниците се тие што треба први да ги запознаат дека физичкото отсуство од училница не значи и застој во образованието. Изготвивме и брошура наменета и за ученици и за родители за да се запознаат со оваа можност“, укажа Јаневска, додавајќи дека новото решение може да функционира затоа што е резултат на заедничка заложба на невладиниот сектор, Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука и Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу: Првпат имаме база на човечки ресурси во здравството, наскоро и база на инфраструктура и технологии
Министерот за здравство, Азир Алиу денеска одржа брифинг со претставниците на медиумите, на кој се разговараше за актуелните состојби и предизвици со кои се соочува здравствениот систем, како и за приоритетите во областа на здравството за претстојната година.
Поконкретно тој се осврна на петте столба на кои се базира здравствениот систем, во однос на инфраструктура, нова опрема, дигитализација, законска регулатива и човечки ресурси со кои располагаат јавните здравствени установи.
– Здравствениот систем секаде се сочува со предизвици. Откако ја презедов функцијата министер за здравство, во првите месец и половина прво направивме скенирање на состојбите, а еве веќе на крајот на годината имаме база на податоци од здравствениот систем. Првпат досега имаме база на човечки ресурси, а наскоро ќе имаме и база на инфраструктура и технологии поврзани со здравствениот систем. Од аспект на законите, големи беа предизвиците и 12 закони веќе се обработуваат и изменуваат, а работиме и на 2 нови закона кои досега ги немаше, а процесите налагаат да ги имаме. Ценам дека до крајот на февруари сите закони ќе бидат завршени и подетално ќе известиме за нив, истакна Алиу.
Во однос на останатите предизвици со кои се соочува здравството, Алиу информираше дека се креирани шест групи за следење клинички проблеми при обезбедување здравствени услуги за пациентите. Од нив, пет групи досега имаат укажано дека не се евидентирани клинички проблеми.
Македонија
Општина Аеродром изрече забрана за работа на два угостителски објекта
Општина Аеродром изрече забрана за работа на два угостителски објекта.
Инспекциските служби, по пријави од граѓаните, излегоа на терен и извршија инспекциски надзори, информираат од општината.
„Констатирано е дека локалите не се придржувале до законските прописи, па затоа е донесена оваа санкција. Доколку не ги почитуваат законите и прописите за работа, ќе следуваат и кривични пријави“.
Најавуваат дека инспекциските служби продолжуваат со интензивни контроли на угостителските и туристички објекти, особено во вечерните и ноќните часови.
„Доколку граѓаните забележат неправилности во работењето на угостителските објекти, можат веднаш да пријават на: [email protected]“, соопштија од општината.
Македонија
Костадиновски: И покрај притисоците и влијанијата, Уставниот суд остана цврст столб на правната држава
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски денеска одржа годишна прес-конференција на која ги презентираше работењето и активностите на Судот во изминатата година, како и приоритетите за 2026 година.
Упати апел до Судскиот совет и до Собранието да изберат двајца нови уставни судии, со цел Уставниот суд да продолжи непречено да ја извршува својата надлежност.
„Заокружуваме година во која Судот работеше ефикасно и транспарентно, во услови на зголемени очекувања и комплексни предизвици. Во услови на динамични општествено-политички процеси, Судот и покрај притисоците и влијанијата, останa цврст столб на правната држава и неприкосновен чувар на Уставот“.
Костадиновски истакна дека Уставниот суд, одговорил на доверената задача, професионално, независно и непристрасно.
„Ќе кажам дека не беше лесно и едноставно, ниту пак одлуките секогаш беа примени со одобрување во јавноста. Но, при носењето на одлуките се водевме од една единствена цел, а тоа е лојалноста кон Уставот, наспроти сите останати политички, економски и партиски обиди за влијанија“.
Според него, довербата на граѓаните во Уставниот суд продолжува да расте.
„Оваа година, до овој момент, имаме оформено 306 предмети, што е рекорден број од постоењето на Судот. Од нив, 271 се иницијативи и барања поднесени од граѓани, 7 од политички партии, 8 од државни институции, 3 од општини, а 2 предмета се по сопствена иницијатива на Судот.
Прегледот на статистичките податоци укажува дека годинава имаме решено 230 предмети, бројка која е приближно иста како минатата година и се издигнува над просекот во последните 5 години.
Наспроти комформизмот на претходните состави, овој состав на Судот покажа судски активизам, не чекаше некој друг да му ја заврши работата. Внесовме и применивме значајни реформи.
Судот преку својата работа покажа дека правдата не смее да чека“.
Судот, оцени тој, го положи тестот на професионално, одговорно, непристрасно и независно постапување во периоди кога биле напаѓани и етикетирани со непристојни квалификации.
„Кога се вршеа притисоци и влијанија, кога се изрекуваа лаги и манипулации, насочени кон поединци и кон целата институција. Во такви моменти, манифестиравме интегритет и кредибилитет, чувајќи ја нашата независност и самостојност во делувањето.
Нервозата кај политичарите и државните органи од постапувањето на Уставниот суд значи само едно, а тоа е дека Судот е на прав пат при постапувањето. Остануваме бескомпромисни во постапувањето, со независност и со инегритет.
Упати апел со Судскиот совет: „Да постапат итно, неодложно и во најбрзо време. Да предложат кандидат за Уставен судија!
До Собранието – да постапат итно, неодложно и во најбрзо време! Да изберат уставни судии!
До политичарите –Да покажат повисоко ниво на уставно-правна култура и да се воздржете од лесно посегнување по етикети и поделби! Да покажат реална, а не декларативна посветеност на владеење на правото!
До државните органи – да се однесуваат дисциплинирано, да го почитуваат Уставот и да ги заштитат гарантираните права на граѓаните!
И, конечно, до сите граѓани во нашата држава– бидете спокојни, ние сме институција која ќе ги штити вашите права и која нема да прави компромиси со никого“.

