Македонија
Јаневска: Министер за образование што не може да обезбеди средства за да испечати книга треба веднаш да си даде оставка

„Крахот на македонското образование започна од онаа несреќна концепција на министерката Мила Царовска, која беше претставувана како реформа во образованието“, истакна Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ на денешната дебата „Важно е да имаме квалитетно образование“.
Јаневска додаде дека таа концепција била претставувана како реформа, но во суштина има позадина.
„Обидувајќи се некако да ја избрише историјата, таа министерка направи катастрофална грешка затоа што интегрира предмети за кои Македонија нема кадар да ги предава. Јас ова сто пати сум го кажала, и ќе го повторам, не можеме да планираме реформа ако немаме кадар да ја спроведе таа реформа“, нагласи Јаневска.
Потсети дека Мила Царовска првата година ги укина учебниците.
„Зошто ги укинаа книгите? Затоа што беа свесни дека ниту ќе можат да се креираат книги според нивната концепција, ниту имаа желба да направат нешто за да го подобрат образованието во Македонија. И затоа што немаа де факто пари бидејќи ги потрошија парите на се и сешто, и тоа го призна следниот министер за образование и наука, Јетон Шаќири“, појасни таа.
„Нормално е да немаат пари за учебници бидејќи ги потрошија на корумпирани зделки како што е „Бехтел и Енка“, на купување и изнајмување на возила итн. Министер за образование кој што не може да обезбеди средства за да испечати книга треба веднаш да си даде оставка“, нагласи Јаневска.
Таа рече дека понижувањето на професијата наставник беше кога власта ги примора наставниците да штрајкуваат за да можат да опстанат. Тоа не беше штрајк за луксуз, тоа беше штрајк за едно нормално живеење. И при тој штрајк власта ги измами, изманипулира наставниците бидејќи на дел од наставниците дури и не им исплатија плата.
„Наставниците наместо 18% добија само 15% покачување на плата, а 3% кои требаше да ги добијат се уште не ги добија. И уште една голема една лага, а тоа е дека ќе се потпише Колективен договор во месец мај оваа година, што не се случи за да тие да можат да примаат соодветна плата“, потсети Јаневска.
Јаневска укажа дека оваа Влада кон наставниците се однесува како кон послушници и тоа особено е видливо во нивната комуникација со директорите кои тие ги поставиле.
„Нашите градоначалници се соочуваат со толкав голем недостаток на средства во однос на образованието што во одредени месеци имаат само плата да исплатат, а камо ли нешто друго да вложат во образованието. Секако дека треба да се реновираат училиштата, секако дека треба да се доградуваат училишта. Самите инфраструктурни проекти кои што СДСМ ги вети пред изборите не ги спроведува денес. Ваквото однесување на власта е недозволиво, и поради вакво однесување страдаат учениците, наставниците, па и родителите“, рече Јаневска.
Таа нагласи дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се што треба за да образованието во Македонија се подобри и стане поквалитетно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.