Економија
Македонија, Србија и Црна Гора ќе ја продлабочуваат соработката во туризмот
На иницијатива на Агенцијата за туризам (АППТ), вчера се оствари состанок со националните туристички организации на Србија и Црна Гора на кој детално се презентираа резултатите од туристичката сезона за време на Ковид-19 и начините за надминување на бариерите за патување.
Со оглед на неизвесноста од иднината и мерките за превенција од ширење на коронавирусот, за време на состанокот директорот на АППТ, Љупчо Јаневски, заедно со директорките на Националната туристичка организација на Црна Гора и Србија, Жељка Радак и Марија Лабовиќ, презентираа статистики, бројки, пранови и стратегии за промоција, движење на туристите за време на Ковид-19 и очекувања за во иднина.
Со ова АППТ ја почнува втората фаза предвидена во стратегиското планирање каде што фокусот е на подобрување на соработката меѓу земјите во регионот преку зголемена промоција, усогласеност на безбедносните протоколи и овозможување на туристите полесно да патуваат.
„Ова е клучен момент за развој на туризмот, со што е и голем предизвик што треба да се совлада во најбрз временски период, што бара зголемување на динамиката на соработка и активна меѓусебна промоција која ќе овозможи зголемување на бројот на туристи од Србија и Црна Гора“, велат од Агенцијата за туризам.
Трите земји соработката ќе ја продолжат на повисоко ниво со цел подготвени да ја дочекаат 2021 година и да ги намалат негативните ефекти во туристичкиот сектор и економиите на земјите. Во таа насока АППТ активно презема чекори со кои ќе помогне да се презентира туристичкиот потенцијал на земјава преку Б2Б состаноци, иницијално во овие две земји, а потоа и во другите земји од регионов. Иницијативата за организација на ваков тип состанок беше поздравена со порака дека треба да продолжи со инволвирање на поголем број на земји од Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од 1 декември поскапува парното: сметките повисоки за околу 130 денари
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ) ја информира јавноста дека од 1 декември цената на топлинската енергија ќе се зголеми за дел од потрошувачите.
Според одлуката, за домаќинствата што се снабдуваат од најголемиот систем – ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Снабдување и ЕСМ Производство – цената се зголемува во просек за 5,9%. За потрошувачите на ЕСМ Енергетика зголемувањето е во просек 7,6%, а за корисниците на Скопје Север – Енерџи Еко Линк во просек 7,7%.
„Од 1 декември просечната сметка ќе биде зголемена за 130 денари – од 2.200 денари на 2.330 денари“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Тој нагласи дека во следниот период е потребно долгорочно стратешко планирање и сериозна санација и модернизација на топловодната мрежа. Според него, овие инвестиции ќе ги намалат дефектите, ќе го подобрат квалитетот на снабдување и ќе овозможат проширување на мрежата, што би довело до зголемување на конзумот.
Бислимоски повтори дека греењето на парно и понатаму е најекономично, додавајќи дека анализите покажуваат дека доколку сите исклучени потрошувачи се вратат на системот, сметките би се намалиле за околу 10%.
Вкупно 65.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија.
Економија
За мерката Самовработување се издвоени 2,5 милијарди денари, кажа Мицкоски
Самовработувањето е многу важна мерка и во Буџетот се издвоени средства коишто се од износ отприлика 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година. И ова е историски највисока поддршка којашто до сега се случила, кажа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната седница за поставување на пратенички прашања.
Премиерот Мицкоски истакна дека Оперативниот план за самовработување е доказ дека државата инвестира во младите.
„Со овој план во 2025 година ќе бидат опфатени нешто повеќе од 16.500 лица. Нешто што мислам дека е најголем опфат до сега и јасен доказ дека државата практично инвестира во луѓето, а посебно во младите“, рече Мицкоски.
„До пред една недела издадени се вкупно 2.916 ваучери за изработка на бизнис план и дел од тие ги промовиравме во Владата. Оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност. Во моментот повеќе од 2.500 лица веќе се во процес на потпишување договори. Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО“, нагласи Мицкоски и додаде дека ова е нешто коешто за прв пат се случува во Македонија.
„Морам да кажам дека ги изненади и нашите очекувања и во годините коишто следат очекувам поддршката којашто е дел од овој Оперативен план за самовработување само да се зголемува, бидејќи ако ние со 40 милиони евра успеавме да анимираме повеќе од 16.500 луѓе, тоа е сериозна бројка и убеден сум дека од тие бизниси ќе излезат многу бизниси старт-ап коишто понатаму ќе донесат додадена вредност во македонската економија“, дециден е Мицкоски.
„Ваква поддршка за младите немало. Генерално зборувам, реконструкција на студентските домови, ваучерите за студентите за електронски уред и кога сето ова ќе се земе во предвид, ценам дека како Влада правиме нешто коешто до сега никој не го направил во независна Македонија за младите“, објасни Мицкоски.
Економија
Божиновска: ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која беше потврден силниот заеднички фокус кон унапредување на енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата.
На средбите се разговараше за неколку стратешки проекти што ќе започнат во следната година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем со капацитет од 300 MWh.
„ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор. На средбата се усогласивме околу финализацијата на неколку стратешки проекти важни за 2026 година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем на ЕСМ со вкупен капацитет од 300 MWh. Овој проект е клучен за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем,“ истакна Божиновска.
На средбата се разговараше и за следните чекори во подготовката за воведување на ESCO-моделот во земјата. Двете страни ги разгледаа можните области за пилот-проекти и моделот на институционална соработка што ќе обезбеди несметана имплементација.
„ESCO-моделот е нова можност за граѓаните, институциите и целиот систем – модел кој дава реални резултати. Нашата цел е да создадеме јасна рамка, предвидливи процедури и подготвеност за негово постепено воведување,“ додаде министерката.
Министерството за енергетика и ЕБОР договорија во наредниот период да продолжат со заедничка техничка подготовка, со јасен фокус кон обезбедување услови за брза и успешна реализација на проектите што директно ќе ја зајакнат енергетската сигурност на земјата.

