Македонија
Јанкулоска оди во затвор, Врховниот суд ја потврди пресудата

Врховниот суд, по една година вонредно преиспитување на предметот „Тенк“, ја потврди четиригодишната затворска казна, која ѝ беше изречена на ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Со донесувањето на пресудата, Јанкулоска ќе треба да се упати на издржување на затворската казна.
Исто така, Врховниот суд ги потврди и пресудите за експремиерот Никола Груевски и помошникот во МВР, Ѓоко Поповски.
„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека на 17 септември 2020 година одлучи по предметите заведени како КВПКОК2КВПбр.6/19 и КВПКОК2КВПбр.7/19, кои се оформени по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесени од осудените Никола Груевски, Ѓоко Поповски и Гордана Јанкулоска. Со донесените пресуди Врховниот суд на Република Северна Македонија ги одби поднесените барања на осудените, поднесени лично од нивна страна и преку нивните бранители и ги потврди пресудите на Апелациониот суд Скопје“, велат од Врховниот суд.
Ексминистерката Јанкулоска беше осудена на шест години затвор, а Апелациониот суд ѝ ја намали казната на четири години.
На ексминистерката ѝ се судеше во раздвоена постапка во предметот „Тенк“ бидејќи имаше ризична бременост. Случајот „Тенк“ на СЈО е за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра.
Поранешниот премиер Никола Груевски за овој случај е осуден на две години затворска казна, а експомошникот во Министерството за внатрешни работи, Ѓоко Поповски, доби намалување од шест и пол на четири и пол години казна затвор во скопска Апелација.
Јанкулоска во завршните зборови на судењето побара ослободителна пресуда со образложение дека немала намера никому да му влијае и да му врши притисок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.