Македонија
Сметам дека и во првиот круг Левицата имаше поддршка од ДУИ, а коалицијата со СДСМ e веќе jавна, вели Ѓорѓиевски
Кандидаттот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, смета дека неговиот противкандидат во вториот круг, Амар Мециновиќ од партијата Левица, и во првиот круг имал поддршка од Демократската унија за интеграција (ДУИ), а со повикот за поддршка до Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) нивната коалиција станала јавна.
„Ако во минатото ние говоревме за овие состојби, а некој ги негира, мислам дека особено по она што се случи вчера, повикот на Левицата, поради иста идеолошка платформа или исти погледи, да ги поддржеле гласачите на СДСМ, веќе е јавна оваа коалиција и треба да се земе предвид и добро да се анализираат резултатите да видиме во кои делови Левицата има добиено поддршка. Јас сметам дека и во првиот круг Левицата имаше поддршка од Демократската унија за интеграција, но мој фокус ќе биде да ја добијам поддршката од сите скопјани“, рече Ѓорѓиевски.
Рече дека не се занимава со партиски интриги како што тоа го прават други ниту, пак, со црна кампања оти смета дека има сериозна кампања што им ја нуди на граѓаните и кредибилитет од сработеното во изминатите четири години.
„Нашиот народ е многу мудар. Колку и некој да прави калкулации, внатрепартиски игри, собири и да се обидува да прегрупира гласови, убеден сум во победа што ќе ги декласира на овие избори. Сите на куп, кои и да се“, вели Ѓорѓиевски.
Заедно со новите советници во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ, Ѓорѓиевски извести дека денес ќе напрви стратегија за решавање на најгорливите прашања што ќе им бидат во фокус до Нова година откога тој ќе биде избран за градоначалник. Прв чекор рече дека ќе им биде ребалансот на буџетот, а потоа најави дека ќе се потрудат да го избришат сè она што во изминатите четири и повеќе години било грда слика.

Димитровски вети мнозинство што ќе гарантира транспарентно работење и одгворно трошење на народните пари
Даме Димитровски, носителот на листата за советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а кои имаат мнозинство во Советот, рече дека вратата за соработка со сите советници во Советот ќе биде отворена. Најави дека мнозинството ќе се базира на девет темелни политики, кои се веќе поставени, а тоа се намалување на загадувањето на воздухот, систем за современо управување со отпадот, брз и доверлив систем за јавен транспорт во градот, јавни простори за скопјани, велосипедизам и други алтернативни начини на превоз за скопјани, безбеден сообраќај за најмалите во Скопје, Скопје – град на културата, Скопје – центар на науката и технолошкиот развој на Балканот и, најважно, отворен Совет, транспарентност и одговорно управување со буџетот на Градот.
Димитровски вети мнозинство што ќе гарантира транспарентно работење и одговорно трошење на народните пари.
Орце Ѓорѓиевски како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг освои 91.663 гласа, Амар Мециновиќ од Левицата освои 30.665 гласа, Башким Бакиу од „Вреди“ доби 27.898 гласа, Каја Шукова од СДСМ освои 27.737 гласа, Скендер Реџепи од партијата Народно движење, која беше дел од коалицијата „Национална алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, освои 26.114 гласа, а сите други кандидати заедно освоија 17.145 гласа.
Вториот круг на локалните избори во кои ќе се избере градоначалник на Скопје и на општините во кои не беа избрани градоначалници во првиот круг ќе биде на 2 ноември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.

