Македонија
ЈП „Лајка“: Напуштањето домашни миленици е чин што остава трајни последици врз целиот град
Напуштањето домашни миленици, особено кучиња, не е само лична или семејна одлука – тоа е чин што остава трајни последици врз целиот град и неговото функционирање. Она што за некого е „само едно куче“, за градот станува проблем со јавно здравје, безбедност, етика и јавна потрошувачка, велат од ЈП „Лајка“:
Од таму велат дека кога сопственик ќе напушти миленик, тоа животно завршува на улица, но таа не е природна средина за него. Градските улици полека се претвораат во несоодветни прибежишта, полни со гладни, болни и често уплашени животни, кои се борат за преживување. Овие услови не се одржливи ниту за животните ниту за луѓето.
Напуштањето миленици има и општествени последици: слика за вредностите на заедницата.
„Кога едно општество дозволува масовно и неказнето напуштање миленици, тоа испраќа поразителна порака: дека грижата е привремена, а одговорноста – изборна. Децата растат гледајќи дека животно може да се фрли кога ќе стане непрактично. На тој начин се пренесуваат погрешни вредности – дека животот е заменлив, дека посветеноста има рок на траење. Таквото однесување го разјадува ткивото на општествената солидарност зашто, ако не се грижиме за најранливите, што кажува тоа за нас како луѓе?“, велат од претпријатието.
Исто така, напуштањето има и економски последици: јавни средства за лична неодговорност.
„Секое напуштено животно станува товар на општинските ресурси. Стационарите се преполни, а капацитетите за удомување и стерилизација се ограничени. Локалните власти мора да вложуваат средства во заловување, хуман третман, ветеринарна грижа, стерилизација, вакцинација… А сите тие трошоци произлегуваат од нечие лично – и неодговорно – однесување“, се наведува во соопштението.
Во него се потсетува дека напуштањето е казниво, но ретко санкционирано.
„Според Законот за заштита и благосостојба на животните во Македонија, напуштањето миленик е казниво дело. Но во пракса ретко кој се соочува со санкции. Без контрола на регистрација на миленици и без системска едукација, законот останува само на хартија“, велат од „Лајка“.
Според нив, решението е едукација, регистрација, стерилизација, санкции.
„Напуштањето може да се спречи, но не преку осуда, туку преку масовна едукација за одговорно сопствеништво, задолжителна регистрација и микрочипирање, достапни програми за стерилизација, јасни и применливи казни за напуштање. Кога некој ќе го напушти својот миленик, последиците ги сноси целото општество – институциите, граѓаните, децата, а најмногу самото животно. Затоа секој чин на напуштање треба да се третира како сериозен проблем, а секој чин на грижа како чекор напред кон подобар, похуман и покултурен град“, велат од ЈП „Лајка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

