Македонија
ЈСП утре ќе вози по неделен возен ред, Жичницата ќе работи вообичаено
Утре поради државниот празник 23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба, автобусите од јавниот превоз ќе сообраќаат по неделен возен ред.
Дежурни ќе бидат билетарниците и центрите за персонализација (кои ќе работат од 8 до 14 часот) на:
– Транспортен центар;
– Ѓорче Петров; и
– Зелен пазар.
Жичницата ќе функционира вообичаено, со работно време од 10-18 часот, при што од 17-17:30 е последното возење од долу кон врвот, а во 17:45 часот е последно возење од врвот надолу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Честитка од министерот Мисајловски по повод Денот на македонската револуционерна борба
Министерот за одбрана Владо Мисајловски упатува искрени честитки до сите припадници на Армијата и сите македонски граѓани по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
„Почитувани граѓани,
Ви го честитам 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
Денеска со почит се сеќаваме и им се поклонуваме на сите револуционери кои со својата визија и пожртвуваност ги поставија темелите на слободна и независна Македонија, затоа што идеалите на македонската револуционерна организација за создавање на македонска држава се нераскинлив дел од нашата колективна свест и нашето постоење.
Стремежите на револуционерите за слободна и просперитетна држава, нè задолжија за навек. Решителни сме сите заедно да го продолжиме делото на Организацијата, да продолжиме да градиме иднина вредна за нивната борба.
Македонија заслужува да биде развиена, прогресивна и безбедна, да биде земја за среќен и хармоничен живот на сите граѓани. Нашата определба ја потврдуваме со максимална заложба, труд и посветеност во остварување на овие цели“, се вели во честитката.
Македонија
Утрото студено време со појава на магла, преку денот сончево
Утрото студено време ќе има со појава на магла по одделни котлини. Преку денот сончево со слаб ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 7, а максималната ќе достигне од 19 до 24 степени.
Во Скопје утрото студено со појава намагла, преку денот сончево и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и ниски утрински температури, кои наместа ќе се спуштаат под нулата. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.
Македонија
Почнува со работа Работната група за воспоставување на Регистар за недвижниот имот на државата
Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска во просториите на Владата го отвори првиот состанок на Работната група за изнаоѓање решенија за формирање централизирана база на податоци за недвижниот државен имот.
На состанокот присуствуваше и Главниот државен ревизор, г. Максим Ацевски и ревизорите од Државниот завод за ревизија.
Вицепремиерот Фетаи ја охрабри Работната група и заедно со Главниот државен ревизор им даде поддршка на членовите на групата за нивната работа. Работната група со ентузијазам ја прифати задачата што им ја делегираше Владата.
Владата очекува да има конкретно решение за воспоставување на централизиран Регистар за државен недвижен имот.
Управувањето и раководењето со државниот недвижен имот, како компоненти на нефинансиските средства на државата, се значајни бидејќи можат да придонесат за решавање на некои од приоритетните предизвици со кои се соочува и Владата. Доброто управување и раководењето на државните недвижности, од една страна, може да придонесе за намалување на трошоците за одржување, реконструкција, издавање под закуп на имотот, а од друга страна, може да биде предвидлив извор за пополнување на државниот буџет. Исто така, зголемувањето на транспарентноста и отчетноста за јавните политики за ефективно и ефикасно управување со државниот имот може да придонесе за зголемување на довербата на граѓаните во институциите.
Неточната и ненавремена размена на информации меѓу различните државни институции одговорни за управување со имотот значи дека постојат значителни неефикасности и несоодветна координација во процесите на користење и одржување на имотот.
Создавањето централизирана база на податоци (Регистар) е од особено значење за Северна Македонија. Оваа база на податоци ќе содржи информации за целиот државен недвижен имот, кои исто така ќе бидат редовно ажурирани и достапни за сите релевантни институции, со цел да се обезбеди прецизен мониторинг на состојбата на имотот и да се овозможи планирање и ефективна распределба.
Централизираната база на податоци за недвижниот државен имот, ќе овозможи точна евиденција, точни и ажурирани податоци за целиот имот, што ќе обезбеди јасен преглед и транспарентност. Ефективното планирање, информациите за имотот ќе овозможат подобро планирање и распределба на јавните ресурси.
Централизираната база на податоци ќе го намали ризикот од неовластено користење и злоупотреба на државниот имот. Лесниот пристап до точни податоци ќе овозможи брзо и ефикасно донесување одлуки и ќе ја зголеми ефикасноста на управувањето со имотот. Со имплементацијата на овие решенија, Република Северна Македонија може значително да го подобри управувањето со државните недвижности, обезбедувајќи поголема ефективност, ефикасност и транспарентност во користењето на јавните ресурси.