Македонија
Ќерката на Имер Имери до Ахмети: Немате право да ги приватизирате придобивките од Охридскиот договор
Kоалицијата „Влен“ ја обвини Демократската унија за интеграција дека обидува да го приватизира Охридскиот договор со тоа што избира да прави приватна прослава, а не да присуствува на заедничкото одбележување на 23-годишнината од потпишувањето.
По тој повод, на прес-конференција се обрати пратеничката од „Влен“, Саранда Имери, која е ќерка на Имер Имери, еден од потписниците на договорот. Пратеничката рече дека за неа договорот претставува многу повеќе од политички документ. Тоа е наследство на една генерација што се борела за подобра иднина и заедничко општество.
„Чувствувам огорченост кога гледам како еден датум, кој треба да нѐ обедини, се користи за теснопартиски интереси. Веднаш откако официјално ги испративме поканите, меѓу кои и онаа до ДУИ, Али Ахмети одлучи со приватна прослава да го девалвира државното и институционалното одбележување на денот на потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Во името на ликот и делото на мојот татко ја користам оваа пригода да му се обратам лично на господинот Али Ахмети. Никој нема право да ги приватизира придобивките за Албанците од Охридскиот рамковен Ддоговор. Затоа, апелирам до вас, да не правите поделби меѓу нашиот народ. Сите ние треба да го одбележуваме овој ден со почит. Намерите ви се провидни и однапред прочитани“, рече Имери.
Како што додаде, албанскиот патриотизам не смее да се стави во функција на одбрана на криминал и нечесни политичари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лашкоска: Обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денес ја посети Гевгелија каде заедно со градоначалникот, Андон Сарамандов, се приклучија на акцијата за масовно пошумување и подигање на јавната свест „Да пуштиме корени во нашата Гевгелија“ во рамките на која на месноста Топлик, Гевгелија се засадуваа 6000 дрвни насади.
„Министерството за животна средина ги поддржува активностите за пошумување во државата бидејќи тие се значаен ресурс од повеќе аспекти – заштита на биодивезитетот, подобрување на квалитетот на воздухот, климатските промени, заштита од ерозија и свлечишта и се важен економски ресурс“ изјави Лашкоска на настанот потенцирајќи дека обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво особено во услови кога сме соочени со многу високи летни температури и со сериозно опожарување на шумите на територијата на целата држава.
Таа упати честитки и благодарност до градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов и општина Гевгелија за одлично реализираната акција.
Во рамките на посетата на општина Гевгелија, заменик министерката Лашкоска и градоначлникот Сарамадов направија увид во реализацијата на проектот за намалување на загуби на вода со замена и инсталација на водомери заедно со инсталација и конфигурација на опрема со далечинско отчитување. Проектот го имплементира ЈКПД Комуналец Гевгелија, а е финансиски поддржан од страна на МЖСПП со средства во висина од 5 милиони денари.
Македонија
СДСМ утре на Конгрес ќе избира ново раководство
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија утре ќе го одржи 30. партиски Конгрес, на којшто ќе биде избрано новото партиско раководство.
Од опозициската партија известија дека Конгресот ќе има отворен и работен дел, ќе се разговара за идните, нови политики на партијата и ќе биде избрано новото раководство, однсно членовите на највисиките тела во СДСМ – Централниот и Надзорниот одбор.
На почетокот, ќе има обраќање на Венко Филипче, кој пред пет месеци ја презема претседателската функција од неговиот претходник, Димитар Ковачевски по големиот пораз што го претрпе партијата на парламентарните и претседателските избори.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ контра Кузеска: Оваа Влада вложува во модернизација, претходната потроши 5 милиони евра на службени возила
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ која што вложува во модернизација, професионализација и осовременување на условите за работа во македонските институции, СДС и ДУИ во своето владеење за службени возила потрошиле повеќе од пет милиони евра, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на портпаролката од СДСМ, Богданка Кузеска.
„Очигледно на функционерите од СДС изминатите седум години на власт, најважна им била сопствената комоција, а не и реалните проблеми на обичните луѓе“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека во буџетот за 2025 година предвидено е зголемување на средствата за модернизација на МВР, одбраната, здравството, земјоделието, односно предвидени се зголемени средства за набавка на опрема во сите институции.
Кузеска претходно денес на прес-конференција обвини дека власта ги одби амандманите за поголеми плати, а ќе троши на мебел и скапи автомобили за функционерите.