Македонија
(Видео) Ќе се исфрла мазутот за греење од јавните институции
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2019/02/51516224_320278208604342_7215452496439803904_n-1.jpg)
Доволно е да се отвори веб-страницата на јавни набавки за да се види дека голем број болници се греат на мазут, со што се предизвикува тешко загадување на воздухот. Алармот најсилно се приклучи кога пред неколку дена се појавија снимки од Гинеколошката болница во Чаир, каде што се гледаше како од оџаците излегува црн чад.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, најави дека ако болницата не престане да се грее на мазут во рок од 30 дена, ќе биде затворена, а денеска министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека ќе почнат тендерски постапки за болницата во Чаир и болниците во Куманово и Струмица со цел тие да се приклучат на системот за гасификација.
На системот за јавни набавки може да се види дека последнава годинава и Клиничката болница во Битола нарачувала мазут за греење, понатаму Студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола, Општата болница во Куманово, болницата во Прилеп, Градската болница „8 Септември“, болницата во Гевгелија и многу други јавни установи.
„Бидејќи повеќе јавни установи користат мазут за затоплување, тоа е приоритет во планот за чист воздух. Затоа, веќе идната недела ќе го потпишеме договорот со БЕГ за замена на мазутот во Студентскиот дом ‘Кузман Јосифовски – Питу’ и една градинка во општина Центар и тие се првите установи каде што ќе биде извршена замена. За жал, премногу пари државата троши за мазут и ова не е само еколошка акција, туку и заштеда на буџетот“, рече заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, на денешната посета на Гинеколошката болница во Чаир.
Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека проектот за гасификација, кој бил изготвен минатата година, влегол во планот за јавни набавки и дека по распишувањето на тендерските постапки, Гинеколошката болница во Чаир, како и болниците во Куманово и Струмица, ќе може да се приклучат кон мрежата за гас и на тој начин да се греат. Филипче не знаеше да даде дециден рок кога ќе се случи ова.
„Може да поминат недели или месеци, како што пропишуваат законите“, рече тој.
На денешната заедничка прес-конференција присутен беше и претставник од компанијата „Блу ер“, кој донира прочистувачи за воздух од 10 илјади евра за здравствениот објект во Чаир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
(Видео) Полициските хеликоптери исфрлија над 120 тони вода врз пожарите кај селото Тажево и „Јасен“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-203439.jpg)
Денеска Одделот за воздухопловни единици при МВР учествуваше со два хеликоптери во гасење на пожарот во реонот на Јасен.
Во 62 налети исфрлени се преку 120 тони вода со што успеа да се локализираат новите реактивирани краци на пожарот и да се спречи прошорување на пожарот кон селото Брезница , селото Тажево и националниот парк Јасен.
Македонија
Пронајдено детето од Скопје кое беше пријавено дека се оддалечило од домот
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/policija-5.jpg)
Вечерва околу 19.20 часот полициски службеници од СВР Скопје го пронајдоа осумгодишното дете за кое денеска околу 18.40 часот неговата мајка С.Н. во ПС Карпош пријави дека околу 17 часот се оддалечило од домот.
Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје ги презеле сите неопходни мерки и активности и детето било пронајдено во добра здравствена состојба и ќе биде предадено на родителот, соопшти МВР.
Македонија
На Табановце за влез во државата се чека околу еден час
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/07/tabanovce.jpg)
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез во државата се чека е околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани –Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Термините се следни:
– петок од 17:00 – 22:00 часот,
– сабота од 09:00 до 18:00 часот и
– недела од 09:00 до 22:00 часот.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали:
– петок од 15:00 – 22:00 часот,
– сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и
– недела од 07:00 до 22:00 часот.