Македонија
Oбвинителството ќе ја обезбеди целата документација за техничките прегледи на автобусите
Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, заедно со шефицата на Одделот за организиран криминал, Вилма Русковска, е во Бугарија на местото на несреќата, каде што во автобуска несреќа настрадаа 45 луѓе, македонски државјани, а седуммина се повредени. Тие на автопатот „Струма“ се сретнаа со директорот на бугарската Национална истражна служба, Борислав Сарафов.
Русковска изјави дека на самото место е и превозникот на автобусите, претставникот од „Беса транс“, и таа имала кратка средба со него.
„Тука е превозникот, кратко се сретнавме. Ми рече дека 20 години има транспортна фирма, досега немале инцидент, но ние ќе ја обезбедиме целата документација за сите автобуси – кога се регистрирани, кога бил извршен технички преглед и ќе ги испратиме до колегите. Сепак, знаете, тој сега што сака може да каже, но ние обвинителите повеќе веруваме во документи отколку во што и да било друго“, рече Русковска.
Јовески изрази сочувство до семејствата на настраданите и рече дека верува оти бугарските истражни органи професионално ќе ги разјаснат сите околности во овој настан.
„Ние ќе дадеме помош во делот на обезбедување документација, идентификување на настраданите и сѐ она што е потребно во истражувањето“, изјави Јовески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Интеграциите во ЕУ и управувањето со отпад во фокусот на средбата меѓу Хоџа и чешкиот амбасадор
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се сретна со амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Јарослав Лудва. На средбата беше потврдена одличната билатерална соработка и пријателските односи меѓу двете земји, со акцент на можностите за нивно понатамошно продлабочување.
Министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Чешката Република ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, истакнувајќи ја и активната улога на чешката амбасада во Скопје во унапредувањето на соработката во областа на животната средина.
Во тој контекст, на средбата беше направен осврт и на заклучоците од последната седница на Мешовитата комисија за економска соработка, одржана во март 2025 година во Прага, како и на остварените контакти меѓу ресорните министерства. Се разговараше за квалитетот на воздухот, контролата на индустриското загадување и современите практики во управувањето со отпад, вклучително и искуствата од посетата на центарот за управување со отпад на градот Прага.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.
Македонија
Општина Илинден објави јавен повик за субвенционирање на велосипеди
Општина Илинден и оваа година објавува Јавен повик за доделување субвенции за набавка на велосипеди, во рамки на Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани за 2026 година.
Со мерката се предвидува еднократна парична помош за жителите кои имаат постојано место на живеење на територијата на општината, а кои ќе набават нов велосипед во периодот од 02 март до 30 април 2026 година.
Целта на повикот е поттикнување на користењето велосипеди како еколошко превозно средство, како и унапредување на сообраќајната култура и заштитата на животната средина.
Финансиската поддршка изнесува 50 проценти од вредноста на купениот велосипед, но не повеќе од 4.000 денари по лице. Барањата ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, односно според датумот и времето на нивното пристигнување.
Сите дополнителни информации заинтересираните граѓани можат да ги добијат на официјалната веб страница на Општина Илинден ([email protected]), како и во просториите на Општината.

