Македонија
Џафери- Адамова: Чешка е голем поддржувач на ЕУ- интеграциите на нашата земја и тоа не само со зборови туку и со дела
На денешната средба со претседателката на Домот на пратениците на Парламентот на Чешката Република, Маркета Пекарова-Адамова, претседателот на Собранието Талат Џафери, ја потенцираше одличната и интензивна соработка меѓу двете земји на сите нивоа. Воедно, упати благодарност до чешката страна за целокупната досегашна помош и поддршка што ја имавме во контекст на нашите Евроатлански интеграции.
“Уверен сум дека Вашата поддршка и пријателска соработка кон нашата земја ќе продолжи и понатаму со истиот интензитет,“ нагласи Џафери.
Во неговиот кус осврт за досегашниот тридецениски трнлив пат на земјата на патот кон ЕУ и НАТО, за предизвиците со кои се соочивме и се соочуваме на тој пат, Џафери изрази надеж дека сето тоа ќе се заврши на најдобар можен начин и конечно ќе ги затвориме сите отворени прашања кои подолг временски период го отежнуваат нашето потполно интегрирање. Тој исто така го поздрави и формирањето на Чешката пратеничка група за соработка со нашето Собрание и изрази лично уверување дека парламентарната соработка ќе продолжи да се развива и понатаму со зголемена динамика.
Претседателката на чешкиот парламент, Маркета Пекарова – Адамова, го изрази своето задоволство од приемот во Република Северна Македонија и потенцираше дека и е чест што токму на ден на државен празник во нашата земја се реализира оваа средба.
Таа нагласи дека Чешка е голем поддржувач на ЕУ- интеграциите на нашата земја и тоа не само со зборови туку и со дела. Ја потенцираше и досегашната одлична парламентарна соработка и изрази спремност и понатаму да се продлабочи взаемната соработка на сите полиња.
“Свесни сме дека Вашиот пат кон ЕУ е тежок но истовремено сме горди и го поддржуваме Вашиот оптимизам и спремност да успеете на овој пат“, нагласи Адамова.
Исто така, од име на нејзината земја упати благодарност до претседателот Џафери за нашето учество и партиципација во заедничката воена помош кон Украина, како сојузници во НАТО алијансата.
На крај на средбата двајцата соговорници се согласија дека интензивната политичка соработка на сите полиња и во наредниот период ќе продолжи со несмален интензитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· Поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на улицата Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија, општина Центар;
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во село Бојане, во наредните 4 дена (03.03 до 06.03.2026 година) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане, општина Сарај.
Македонија
Делови од Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од стопанските објекти во Индустриската зона – Момин Поток, општина Бутел;
· од 09:00 до 15:30 часот, корисниците од ул. Јан Хус бр. 11а, општина Карпош.
Македонија
Сончево и релативно топло, максималната температура до 20 степени
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.

