Македонија
Џафери – Амербајев: Потенцирани можностите за зголемување на економско-трговската соработка
На средбата со специјалниот пратеник на претседателот на Азербејџан, Ечин Амербајев, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, од име на Собранието и од негово лично име упати поздрави до претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, и до неговиот хомолог, претседателката на парламентот на Азербејџан, Сахиба Гафарова. Воедно, се заблагодари за нејзината покана да го посети Азербејџан во наредниот период.
Претседателот Џафери изрази уверување дека во наредниот период заедно со Азербејџан ќе се работи на зајакнувањето и интензивирањето на билатералната комуникација како со средби на највисоко ниво така и на парламентарните групи за соработка на двете земји. Притоа тој ги потенцира можностите за зголемување на економско-трговската соработка, која сѐ уште е на незадоволително ниво иако има голем потенцијал за подобрување. Ја искажа нашата заинтересираност како држава за соработка на полето на енергетиката и приклучување кон ТАП – „Трансјадранскиот гасовод“ за што имаме силна поддршка и од ЕУ. Во рамките на нашето претседавање со ОБСЕ оваа година, истакна претседателот Џафери, го поддржуваме мирното решавање на конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија во регионот на Нагорно Карабах и надминувањето на блокадите на Коридорот „Лачин“.
Специјалниот пратеник на претседателот на Азербејџан, Амербајев, се заблагодари за можноста да биде гостин во Собранието на Република Северна Македонија, што воедно претставува и неговата прва посета на нашата земја. Тој ги пренесе поздравите од претседателот Илхам Алиев до нашата земја и до Собранието. Нагласи дека неговата агенда е во насока на давање придонес кон зајакнувањето и интензивирањето на пријателските односи меѓу двете земји, како и подетаљно запознавање на претседателот Џафери со безбедносната ситуација во неговата земја и тековните преговори меѓу Азербејџан и Ерменија за ставање крај на долгогодишниот конфликт меѓу двете земји со постигнатата согласност за точките на мировниот процес и очекувањата од неговото имплементирање.
Целосно се согласи со претседателот Џафери дека во наредниот период треба да се вложат заеднички напори за зајакнување на соработката на сите полиња, особено на економски план и на планот на развој на авиосообраќајот и туризмот меѓу двете страни. Се осврна и на значењето што го има Западен Балкан за Азербејџан на полето на енергетската поврзаност со гасоводните коридори, кои поминуваат низ повеќе земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

