Македонија
Џафери-Дир: Украина секогаш може да гледа во Северна Македонија пријател, партнер и поддржувач
Премиерот Талат Џафери денеска се сретна со амбасадорката на Украина во Република Северна Македонија, Лариса Дир.
На состанокот беше изразена постојаната силна поддршка која Северна Македонија ја покажува кон Украина, во услови на тешки моменти за украинскиот народ, кој веќе две години храбро се бори за својата слобода.
Џафери нагласи дека, Република Северна Македонија и нејзините граѓани, стојат цврсто покрај Украина и ќе продолжат да го прават тоа сѐ додека е потребно, во нејзината борба за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Украина ја има поддршката и за интеграциските аспирации во демократските сојузи на држави, и во таа насока, Северна Македонија ја поздравува одлуката на Европскиот Совет да отвори пристапни преговори со неа. Воедно, премиерот Џафери нагласи дека, освен формирањето на Советот НАТО-Украина, како членка сојузничка, Северна Македонија е дел од пакетот на проширена политичка и практична поддршка на Украина, продолжувајќи со поддршката на политиката на отворени врати на НАТО.
Џафери потврди дека Владата стои на располагање за споделување искуства во делот на понатамошната интеграција на Украина во меѓународните демократски сојузи.
Амбасадорката Дир му честиташе на премиерот за стапувањето на функцијата и изрази надеж дека ќе продолжи да манифестира иста силна поддршка кон Украина и на новата функција. Амбасадорката се заблагодари за сета досегашна помош дадена од Република Северна Македонија на Украина, како и на изнесената подготвеност за продолжување на истата, при што нагласи дека Украина тоа високо го цени и нема никогаш да го заборави. Дир ја поздрави подготвеноста на Северна Македонија за споделување искуства и знаења во евро-атлантските интеграциски процеси со Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

