Македонија
Џафери на средба со претседателката на италијанскиот парламент, Казелати
Во рамките на работната посета на Италија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средба со Марија Елизабета Алберти Казелати, претседателка на Сенатот на Италијанската Република.
Претседателката Казелати во име на сенаторите им посака топло добредојде на претседателот Џафери и на делегацијата и ја поздрави динамичната соработка меѓу двете држави, која се одвива во континуитет со посети на високи државни делегации од двете земји. Италија е земја осведочен пријател на Република Северна Македонија, која даваше безрезервна поддршка за зачленувањето на земјата во НАТО. Со членството во НАТО нашата земја придонесува кон стабилноста на целиот регион на Западен Балкан, а со новиот воен конфликт во срцето на Европа оваа остварена цел добива силно стратешко значење.
Воедно, во контекст на европските интеграции таа изрази јасно уверување дека претстојниот состанок на Европскиот совет ќе значи чекор напред во однос на приемот на Република Северна Македонија во ЕУ за што Италија дава поддршка во континуитет.
Претседателот Џафери се осврна на одличните билатерални односи меѓу двете држави, кои со потпишувањето на протоколот за парламентарна соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Домот на пратениците на Италијанската Република отвораат нова динамична агенда во насока на креирање можности за интензивна соработка на парламентарен план. Ја истакна улогата на Италија како важен политички и економски партнер на Република Северна Македонија, а особено значајна за нас е силната италијанска поддршка како во периодот на осамостојувањето така и во сите клучни фази на нашите евро-атлантски интеграции. Се согласи со претседателката Казелати дека војната што сега беснее во срцето на Европа, која по падот на Берлинскиот ѕид никој не ја очекуваше, ќе остави силни последици врз глобалната безбедносна архитектура. Сите овие предизвици уште повеќе ја наметнуваат потребата од целосна европска интеграција на Република Северна Македонија, но и другите земји од Западен Балкан и е прашање на кое ЕУ треба многу сериозно да пристапи и да процени дека секое одолжување на процесот на проширување ќе значи натамошно влошување на ситуацијата, кое ќе се рефлектира како на економски и енергетски план така и на политички план.
Двајцата соговорници ги истакнаа сите предности на парламентарната дипломатија – на билатерален и на мултилатерален план, кои ќе придонесат кон заеднички пристап на државите во надминувањето на сите предизвици наметнати од пандемијата и војната во Украина бидејќи последиците се рефлектираат на сите земји еднакво и тука не само што е потребна сплотеност на земјите од европскиот континент туку и на големите светски сили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

