Македонија
Џафери од Пелинце: Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме

Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме. Тоа е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква граѓанска држава, општество на сите граѓани во кое ќе растат нашите деца, внуци и идни генерации, рече претседателот на Собранието Талат Џафери во денешното обраќање во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
Џафери во обраќањето истакна дека сплотувањето со јасна визија е единствената, природна и остварлива крајна цел.
„Ако се однесуваме одговорно и разумно кон државата и граѓаните, со взаемна почит и соработка, прифаќајќи го изразувањето на особеностите и карактеристиките на секоја етничка заедница, на културата, јазикот, идентитетските обележја како природно право, тогаш патот по кој треба да чекориме е одамна детерминиран, уште од првите илинденци“ рече Џафери.
Претседателот на Собранието во обраќањето кажа дека ниту една земја не наишла на поголеми препреки од Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон членството во НАТО и Европската унија. Џафери говореше за поделби во општестовото кои настанале за време на процесот – предавници и патриоти, европејци и русофили, албанофоби и бугарофили, комуњари и вмровци. Ваквите квалификувања, како што рече Џафери, никако не одеа во прилог на обединувањето кон крајната цел.
Џафери сепак смета дека откажувањето од се и тврдоглаво држење за една флоскула која не нуди никакво алтернативно и можно решение туку само блок, никогаш не било и нема да биде опција за тие што вистински ја сакаат Република Северна Македонија. Нагласи дека идентитетот не е нешто што се дава и одзема, идентитетот е тоа што сме и што го носиме во нас. Тоа што сме го слушале и учеле од нашите предци, тоа што ќе им го кажуваме и предадеме на нашите идни поколенија.
Претседателот на Собранието, во Пелинце кажа и дека се уште сме посветени на воспоставувањето и градењето на добрососедските односи, и на тој пат ја имаме сета поддршка на нашите меѓународни партнери и пријатели.
Заклучи дека никој нема помалку или повеќе право да ја сака, брани, да се гордее или пак да се фрустрира за успесите, неуспесите, победите или поразите на Република Северна Македонија бидејќи таа е заеднички дом и сите имаме една иста цел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.