Македонија
Џафери: Помирувањето и соработката значат успех во трансформацијата на регионот

Парламентарната соработка на земјите од Западен Балкан е уште еден камен на зајакнување во обезбедувањето на инклузивниот напредок за регионот со посветеност кон главните европски вредности на демократијата, владеењето на правото и фундаменталните права, смета претседателот на Собранието Талат Џафери, кој се обрати на сесијата „Перспективите за мир и помирување во Западен Балкан” во рамки на регионалната конференција „Интеграција на Западен Балкан во ЕУ – предизвици и перспективи“ што денеска се одржува во Скопје.
Според него, Интерпарламентарната унија со право заклучила дека „пратениците имаат уникатно поимање за диверзитетот меѓу луѓето и се во подобра позиција да ги артикулираат аспирациите на луѓето и да објаснат што навистина им е важно.”
-И ова е предуслов за работата на ООН низ сите земји и нејзиниот клучен принцип да не остави никој зад себе, што го прави Парламентот еден од клучните партнери. Помирувањето и соработката се заедничкиот именител на успехот на трансформацијата на регионот. Тие се фундаменталниот фактор за нашите партнери и за нас како земји на нашиот пат кон членство во Европската Унија и иднината на целиот регион е токму во нив. И оваа конференција е доказ дека ние како регион, продолжуваме да градиме мостови на соработка и приближување помеѓу нашите народи, нашите држави и целиот регион на Европската Унија. Така создаваме доволен простор за развој и напредок на овој дел на континентот, координирајќи се за заеднички проекти започнати во рамките на Берлинскиот процес, Одржливите цели на Обединетите нации и политиките на Унијата, истакна Џафери.
Нагласи дека Република Северна Македонија работела и дека ќе продолжи да работи во насока на постигнувањето на стратешките цели, односно полноправното членство во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме пред претседателската вила во присуство на основци од Скопје

Ученици од скопските основни училишта „Ѓорѓија Пулевски“, од општина Аеродром, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од општина Кисела Вода, денеска го посетија Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Придружени од своите наставници, учениците ја проследија свечената церемонија на менување на државното знаме. Оваа церемонија се одржува секој втор петок во месецот и се реализира од Баталјонот за почести при македонската армија како израз на почит кон македонското знаме, како државен симбол.
По завршувањето на свечениот чин, младите посетители ги разгледаа просториите на Кабинетот и разговараа со претседателката за нејзините работни обврски, но и за личниот живот, почнувајќи од детството, школските и студентски денови, како и професорската кариера.
Во разговорот со учениците, претседателката ги охрабри да учат и да веруваат во себе, да го почитуваат знаењето, оти тоа ќе ги направи компетитивни, сигурни и успешни.
Македонија
Авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Согласно добиено известување од Град Скопје- Сектор за комунални работи, Регионалниот центар за управување со кризи -Скопје информира дека на ден 11.05.2025 година (Недела) во раните утрински часови ќе се изврши Авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во ист термин, велат надлежните.
Се известуваат пчеларите навремено да ги превземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.