Македонија
Џафери: Само реформирани институции може да ја вратат довербата на граѓаните

Само реформирани институции, кои имаат мандат да вршат надзор и контрола, може да придонесат значително во обезбедувањето на демократската транзиција и враќањето на довербата на граѓаните, пред сè, во државата и нејзините институции. Ова го истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери, во обраќање на годишната конференција на женевскиот Центар за управување со безбедносниот сектор (ДКАФ).
Законските измени во насока на реформскиот процес што се направени, рече Џафери, се приспособени на стандардите на Европската Унија и НАТО, со кои се наметнуваат одредени законски норми и стандарди за Собранието и впрочем за сите институции.
„Демократското владеење и надзор е обврска на сите сегменти од општество и на целиот државен апарат. Секој треба да го даде својот максимум во своето работење пристапувајќи на секое нерешено прашање со искрена намера за изнаоѓање одржливо решение, кое нема да служи само на политичкиот фактор на власт, туку ќе биде општо прифатено и почитувано еднакво од сите. За тоа да биде така, секако дека решението треба да се разгледува инклузивно, со учество на сите политички субјекти и крајното решение да биде консензуално постигнато решение во склад со европските норми. Ова секако ќе се наметне како обврска и со отворањето на преговорите со Европската Унија и првиот преговарачки кластер, односно ‘Фундаменти’. За мене многу значаен сегмент е и подигнувањето на свеста на јавноста за правата и обврските што ги имаат како рамноправни граѓани на Република Северна Македонија. Исклучително значајно е и следењето на спроведувањето на донесените законски решенија затоа што најдобриот тест за квалитет на секој закон е неговата имплементација на терен“, рече Џафери.
Додаде дека безбедноста граѓаните, на државата, на светот во крајна инстанца – е најважна! Особено во ова време на напредни технологии, софистицирани методи на разузнавање и современи начини на војување. Сепак, тоа во ниту еден момент, рече Џафери, не смее да биде алиби за нарушување на основните човекови права и демократското владеење и надзор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.