Македонија
Џафери се сретна со неговиот грчки колега

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна со претседателот на Парламентот на Грција, Константинос Тасулас, на маргините на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите членки на Советот на Европа, која денеска и утре се одржува во Атина.
„Џафери изрази задоволство што оваа прва средба со неговиот грчки колега се случува во Атина, во годината кога Република Грција ја прославува 200-годишнината од почетокот на борбата за независност и упати честитки до Тасулас за одличната организација на Конференцијата. Во однос на билатералната парламентарна соработка, тој го оцени постоењето на групите за соработка во законодавните дома на двете земји како одлична основа за развој на блиска парламентарна соработка и изрази надеж дека наскоро членовите на двете групи ќе остварат заедничка средба. Претседателот Џафери укажа дека, во грчкиот парламент сè уште не се донесени ратификациите со кои се унапредува соработката со Република Северна Македонија во повеќе области, вклучително и во делот на евроинтеграциите и побара нивна што поскора ратификација со цел да бидат ставени во функција“, соопштија од Собранието.
Тасулас изразил големо задоволство од оваа, како што ја нарече, долго очекувана прва средба на ниво на претседатели на Парламенти и истакна дека ова потврдува дека односите меѓу двете држави напредуваат.
„Се согласи дека Групите за соработка треба да ја воспостават и развиваат парламентарната соработка и конкретно, наместо нивното постоење да остане само на хартија, и нагласи дека грчкиот парламент ќе се потруди преку механизмите за соработка кои му се на располагање да му помогне на Собранието на Република Северна Македонија и во размена на искуства во процесот на евроинтеграција. Претседателот Тасулас ја поздрави храброста на двете држави за решавање тешки прашања и истакна дека по прифаќањето на Договорот од Преспа, тој мора да се почитува и внимателно да се чува. Притоа, му оддаде почит на претседателот Џафери за неговата лична посветеност и неговите напори за решавање крупни и тешки прашања. Поздравувајќи го чекорот на државата кон членството во НАТО, Тасулас изрази уверување дека следниот чекор за Република Северна Македонија ќе биде членството во Европската Унија и притоа ја повтори поддршката од Грција на процесот“, се наведува во соопштението.
Соговорниците размениле мислења за напорите кои како претседатели на парламенти ги прават со цел да се исполнат обврските и она што е договорено да биде спроведено во пракса. Ја потенцирале и меѓусебната доверба како резултат на што е и договорот и соработката меѓу двете страни за заштита на нашиот воздушен простор.
На крајот на средбата, Џафери упатил отворена покана до Тасулас да ја посети Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.