Македонија
Ѓорѓиевски: Сите основни училишта во општина Кисела Вода добиваат фотоволтаици

Сите основни училишта во општина Кисела Вода добиваат фотоволтаици. Денес градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски и министерката за образование и наука Весна Јаневска присуствуваа на почетокот на имплементацијата на проектот во основното училиште „Партенија Зографски“. Вредноста на овој капитален проект , изнесува над 11 милиони денари.
Тој се изведува преку Владата, преку финансиско партнерство на Општина Кисела Вода со Бирото за регионален развој, како и со Општина Карпош, а партнер и имплементатор е Центарот за развој на Скопски Плански Регион, преку Програмата за развој на планските региони. Покрај сите училишта во Кисела Вода, он-грид фотонапонски систем добива и едно основно училиште во Општина Зелениково, како и две училишта во Општина Карпош.
-Денес сме во основното училиште „Партенија Зографски“ заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска, каде означуваме почеток на еден многу значаен проект за унапредување на енергетската ефикасност и одржлив развој во образовните институции. Имено, од денес до средината на мај, поставуваме фотоволтаични системи во сите основни училишта во Кисела Вода, а едновремено, покрај училиштата во нашата општина, фотоволтаици добива и едно основно училиште во Општина Зелениково, ПОУ „Марко Цепенков“, како и две училишта во Општина Карпош – ООУ „Владо Тасевски“ и ООУ „Војдан Чернодрински“.
Сакам да изразам голема благодарност до Претседателот на Владата на Република Македонија, до Министерството за образование, до Бирото за регионален развој и секако до нашиот партнер, Центарот за развој на Скопскиот Плански Регион. Ова е проект кој што заедно го аплициравме-ние со сите наши основни училишта во кој ние учествуваме како општина во најголем дел од кофинансирањето, општина Карпош исто така која што доби поставување на фотоволтаици на две од нивните училишта, и помагаме во поставување на фотоволтаици во едно од училиштата во општина Зелениково. Ова е, како што споменав, еден од најзначајните проекти, затоа што знаете и самите, изминативе години, особено во оној период на енергетската криза, колкави беа сметките за струја во основните училишта. Со поставувањето на фотоволтаични системи во училиштата, и тоа, конкретно, на секое училиште ќе се постави он-грид фотонапонски систем до 20 КW, правиме огромен чекор кон заштеда на енергија, кон намалување на финансиските трошоци и зачувување на животната средина. Преку користење на обновливи извори на енергија, училиштата стануваат енергетски понезависни, што значи дека значителен дел од средствата кои досега се трошеа за електрична енергија ќе можат да се пренасочат во подобрување на наставните услови и образовниот процес-изјави градоначлникото Орце Ѓорѓиевски заблагодарувајќи се и на директорот на училиштето и на тимот од Секторот за локален економски развој од општината кој го водеше проектот.
Министерката Весна Јаневска му се заблагодари на градоначалникот Ѓорѓиевски за континурано водење грижа за условите во кои што се одвива воспитно образовниот процес, посебно потенцирајќи ги заложбите во делот на енергетска ефикасност. Истакна дека унапредувањето на енергетската ефикасност на училишните објекти треба да биде заеднички приоритет на централната и локалните власти и дека ова е важно е затоа што значи придонес кон заштита на животната средина што е глобален предизвик во чие надминување сите имаме одговорност да учествуваме.
-Ова не е единствена инвестиција на Владата во подобрување на енергетската ефикасност во образованието. Министерството за образование и наука потпиша договор за неповратен грант од 1,1 милион евра со Банката за развој на Советот на Европа, со кој, во 50тина училишта во Македонија ќе бидат инсталирани фотоволтаични системи“, рече Јаневска.
Информираше дека училиштата се веќе мапирани и обезбедена е потребната документација, како и согласности од ЕВН за поставување на системите со кои, како што рече, училиштата ќе ја заменат енергијата базирана на фосилни горива со чиста и обновлива енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јаневска: Го јакнеме финансиското образование, градиме млади подготвени за управување со финансии и за справување со ризици и измами

Финансиската едукација на младите е исклучително важна бидејќи ги подготвува за управување со финансии и планирање на буџетот, разбирање на економските процеси и препознавање на ризиците и обидите за финансиски измами. Во таа насока, повеќе надлежни институции работат на унапредување на постојниот концепт, процес во кој од клучно значење ќе бидат резултатите од истражувањето за финансиската писменост што го спроведува Бирото за развој на образованието.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната панел дискусија на тема „Финансиска писменост во Македонија – состојба, предизвици и решенија“ во рамки на третиот Женски економски форум кој го организираат здруженијата „Јас Сум Жена“ и „Global Shapers Skopje Hub“ заедно со Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Јаневска рече дека финансиската едукација во основното образование кај нас е застапена преку теми во наставните програми по повеќе предмети, а постојат и слободни изборни предмети и воннаставни активности. Станува збор за интегриран пристап воведен по препорака на ОЕЦД. Во средното образование пак, односно во гимназиското и уметничкото има задолжителен предмет, а во стручното – задолжителен и изборни предмети постојат во одредени струки.
„Секој концепт може да биде и подобар и затоа Министерството за образование и наука со Министерството за финансии, Народна Банка, Македонската банкарска асоцијација и други страни тесно соработуваат, разменуваат информации, идеи и искуства за да може постепено финансиската едукација да се надградува –преку проширување на наставната материја, преку повеќе обуки на наставниот кадар и слично. Во оваа насока од особена важност ќе бидат и резултатите од истражувањето за финансиската писменост што го спроведува Бирото за развој на образованието, а кое ќе ни обезбеди податоци за идните политики“, рече министерката.
Осврнувајќи се на подготвеноста на младите да препознаваат финансиски измами, рече дека тоа се глобални предизвици кои бараат постојана адаптација, учење и заедничка регионална и меѓуинституционална соработка.
Покрај панел дискусијата посветена на финансиската писменост на која учествуваше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, во рамки на форумот се
одржаа и работилници на тема „Клуч за финансиски успех“ и „Сајбер ризици и заштита на личните податоци“.
Македонија
23-годишник пукал во воздух во Чаир од автомобил, приведен е

Приведено е лицето кое утрово околу 8 часот пукало со пиштол од автомобил во движење од марката „ауди“.
Според информацијата од полицијата, пукањето се случило на улицата Цветан Димов, а биле испукани неколку куршуми во воздух.
Полициски службеници го обезбедиле местото и биле пронајдени пет чаури од гасен пиштол, додека по преземени мерки, бил пронајден А.Д.(23) од Скопје, лицето кое го управувало возилото.
Со него бил извршен службен разговор, при што појаснил дека пукал од гасен пиштол “Зораки”, кој се наоѓал во неговиот дом на подрачјето на Чаир.
По насоки од јавен обвинител, пиштолот бил одземен и против лицето се поднесени соодветни поднесоци.
Македонија
Христијан Стојанов е уште едно младо момче што влезе во „Пулс“ за да спасува луѓе: „Обезбедувањето ни помогна многу“

Осумнаесетгодишниот Христијан Стојанов е уште еден херој од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој не размислувајќи за сопствениот живот влегол во оган за да спасува луѓе.
Тој е ученик во средното текстилно училиште во Штип, и за штипската телевизија „Тв Стар“ зборуваше за сето она што го доживеал ноќта на 16 март – за спасувањето животи, помошта од обезбедувачите, деновите поминати во болница и траумата со која се соочува.
Тој бил надвор од дискотеката кога го здогледал огнот. Во моментот се сетил дека неговиот братучед е внатре.
„Кога ја видовме глетката пред дискотеката, се погледнавме со мојот близок другар Давид Симонов и знаевме дека треба да влеземе внатре. Не се сеќавам како успеав да ја натопам маицата, но ја ставив на устата и влегов внатре. Се обидувавме да извадиме што повеќе луѓе. Оние кои беа живи не можеа да излезат од чадот што им ги печеше очите. Им подававме рака и ги влечевме надвор. Оние кои беа онесвестени ги носевме пред дискотеката. Имаше надвор луѓе кои што немаа храброст да влезат внатре во диското, но ги преземаа повредените пред влезот, па ги носеа на страна да пробааат да ги освестат или да ги однесат в болница“, раскажа младиот Стојанов.
Рече дека внатре имало повеќе негови познаници, но во тој момент не размислувал дали да спасува некој што го познава или не, само се трудел да спаси што повеќе луѓе.
Вели дека бројот на загинатите ќе бил уште поголем без обезбедувањето кои им помагало за сето тоа време.
„Ни кажуваа од каде да одиме да ги извлекуваме луѓето и сето тоа се правеше со нивна помош“, раскажа Стојанов.
Кога стигнал пред дискотеката, вратата повеќе не била блокирана, тоа се случувало пред да стигне.
Стојанов вели и дека му починале блиски другари кои биле при свест, но не издржале. Денови по пожарот не можел да заспие од глетките.
Тој поминал десет дена во болница во Скопје. По враќањето од „Пулс“ дома снемал воздух, а во главниот град секојдневно примал терапија, инфузии, бил постојано на кислородна поддршка. Во Скопје имало и психолог и психијатар со кои разговарале.
Стојанов по се’ е горд на себе што успеал да извади некои луѓе кои останале живи и не очекува ништо за возврат, оти, како што вели, во прашање се човечки животи.
Претходно беше споделено сведочење и од 19-годишниот Јован Костадинов, кој зборуваше за спасувачките напори, кобната ноќ во која 59 луѓе го загубија животот.