Македонија
Алијансата за Албанците и Алтернативата: Владата ги дискриминира своите граѓани, а ги привилегира Србите
Владата која не стигна навремено да обезбеди вакцини против Ковид-19 за граѓаните, а мал број вакцини обезбеди од Србија, која ги отвори границите за државјаните на Северна Македонија да се вакцинираат таму, сега ќе ги награди граѓаните на Србија ослободувајќи ги од патарините. Министерот за здравство, Венко Филипче, заедно со Владата, со широкоградост кон граѓаните на Србија, сака да ги покрие својот срам и неспособноста за невремено обезбедување вакцини за да се спасат животи, обвинуваат од коалицијата „Алијанса за Албанците и Алтернатива“.
„Од друга страна, имаме многу села што се на самиот автопат и тие граѓани секој ден плаќаат патарини на наплатните места иако нивните села се наоѓаат на 2-3 километри од наплатните пунктови“, велат од коалицијата.
Тие ја потсетуваат Владата на протестите на граѓаните од тетовското село Седларце, кои протестираа барајќи ослободување од патарината бидејќи нивното село се наоѓа на непосредна близина од 3 км од наплатното место, а тие немаат алтернативен пат.
„Слични случаи има многу во регионот на Гостивар, Куманово, Скопје, Велес итн.
Неприфатливо е на српските граѓани да им се овозможува бесплатно користење на автопатите на Северна Македонија во одреден период, а на нашите иселеници им се наплатува на наплатните пунктови во евра по висок курс во споредба со службениот. Имаме илјадници администратори од градовите Тетово, Куманово, Гостивар, Велес и Кичево, кои секојдневно патуваат за Скопје плаќајки ги сите патарини по нашите автопати достигнувајќи високи суми за кои не постои никаква олеснителна мерка иако пред многу години Владата на Северна Македонија ги ослободи од патарини државните административни службеници. Ова е лажната широкоградост на министерот Филипче и на оваа Влада, кои ги ограбуваат своите граѓани додека се претставуваат џентлмени пред српските граѓани“, реагираат од коалицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЈСП Скопје: Ниските температури и снегот може да предизвикаат изменето сообраќање на автобусите
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги информира корисниците на јавниот превоз во Градот Скопје дека, поради ниските минусни температури и најавените временски услови со можни врнежи од снег во главниот град и околината, во наредниот период можно е привремено прилагодување на сообраќањето на одредени автобуски линии.
„Имајќи предвид дека ефектот на средствата за одржување на патиштата е ограничен при екстремно ниски температури, на одделни делници може да се појават отежнати услови за сообраќај. Од тие причини, дел од линиите ќе сообраќаат до локации кои во моментот се проценети како безбедни и проодни за возилата на ЈСП Скопје, согласно проценките на надлежните служби. Напоменуваме дека безбедноста на патниците и вработените е приоритет, па доколку условите не дозволуваат сигурно одвивање на сообраќајот, ќе се преземаат соодветни мерки и јавноста ќе биде навремено информирана за сите промени. Во услови на стабилно време, јавниот превоз ќе се одвива согласно редуцираниот делничен зимен возен ред, кој важи до крајот на зимскиот училиштен распуст“, информираат од ЈСП Скопје.
Од претпријатието додаваат дека „екипите на ЈСП Скопје, заедно со надлежните служби на Градот Скопје и локалните самоуправи, континуирано се ангажирани на терен со соодветна механизација, со цел навремено реагирање и создавање услови за безбедно и непречено функционирање на јавниот превоз“.
Македонија
Состојба по обилните дождови во Македонија: пресек на ЦУК до 16 часот
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, информира дека на основа на добиените информации од различни градови и региони, состојбата во повеќето делови на земјата е стабилна и редовна, со слаби до повремени врнежи од дожд и зголемени водостои, но без сериозни нарушувања, додека во некои региони има активности и ангажирање на службите поради зголемени водостои и одрони на патиштата.
Региони со нормални состојби
– Скопскиот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Полошкиот, Југозападниот, Југоисточниот и Источниот регион имаат стабилна состојба, со слаби или повремени врнежи од дожд, зголемени водостои на реките, но без излевања, поплави или нарушувања во сообраќајот и други сегменти.
Региони со ангажирање и активности
– Тетово (Северозападен регион) – состојбата е стабилна, но врнежите од снег и дожд предизвикале потешкотии на патните правци Тетово–Скопје и Тетово–Гостивар, па барано е од „Македонија пат“ веднаш да интервенира за одржување на коловозот и обезбедување на безбеден сообраќај.
– Штип и Кочани (Источен регион) – има слаби врнежи од дожд и зголемени водостои на реките, но нема поплавување; во општината Кочани на Оризарска река од понеделник продолжува работа на механизација на „Водостопанство“ за спуштање на водостојот и спречување на евентуални проблеми.
Патни правци
– Истибања–Делчево–Граничен премин (Источен регион) – има почести пријави за одрони на камења, па екипи на „Македонија пат“ постојано се на терен и во координација со СВР Штип се регулира одвивањето на сообраќајот, со поставување на контролни точки и временски ограничувања за возилата.
Кичево
Поради повторните врнежи од дожд, водостоите на реките Зајашка и Треска се зголемени, но засега се под нивото на излевање. Критично е кај ул. Прилепска, во населбата претходно најпогодена со околу 125 поплавени објекти.
Екипи на ЈП „Комуналец“ со механизација работат на насипи и проширување на коритото на Зајашка река, како и на чистење на воден канал во населба Иванидол. ПО ДЗС Кичево е на терен и е подготвена за интервенција со вреќи со песок, а фирмата „Инсталација“ расчистува кај училиштето „Санде Штерјоски“ и градинката „Ластовички“.
Состојбата со 125-те поплавени објекти останува непроменета. Евакуирани се 150 лица, сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде ЦК Кичево обезбедува грижа, медицинска контрола и храна.
Регионални патишта во Дебар (Југозападен регион) – има слаби врнежи од дожд, дотокот на Радика е зголемен, но без опасност од излевање; екипи на „Македонија пат“ се на терен и интервенираат на отстранување на евентуални одрони на регионалниот пат Маврово–Дебар и Дебар–Струга, за да се одржи непречено движење на сообраќајот.
Македонија
Николоски на терен: Сите патишта се проодни, снегот редовно се чисти од Македонија пат
Сите патишта во државата се проодни благодарение на макотрпната работа на луѓето од Македонија пат, кои даваат се’ од себе да се справат со обилните врнежи од снег кои ја зафатија државата, изјави денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој ги посети пунктовите на Македонија пат на планинските превои “Стража” и “Пресека”.
– Денеска сум на терен во увид на активностите на Македонија пат, можам да кажам дека состојбата е добра, сите патишта во државата се проодни. Би сакал да им се заблагодарам на овие прекрасни луѓе од Македонија пат, кои што даваат се’ од себе, за сите патишта да се проодни и чисти. Тука сме на увид на планинскиот превој “Стража”, претходно бев во увид на патниот превој “Пресека”, и ќе продолжам на уште неколку места, рече Николоски.
Тој упати благодарност до работниците на Македонија пат и упати апел до сите граѓани кои имаат потреба да патуваат, да возат внимателно, да ја прилагодат брзината според условите на патиштата и без исклучок да поседуваат зимска опрема.
– Би сакал да се заблагодарам на сите работници, на сите оние кои што помагаат, да ги замолам сите кои што патуваат, да ги почитуваат прописите и правилата, да користат зимски гуми, секаде каде што е потребно ланци и сета дополнителна опрема и да ја прилагодат брзината. Ние ќе направиме патиштата секаде да се проодни и да не се почувствува или минимално да се почувствува ова невреме кое што ја зафаќа Македонија, апелираше вицепремиерот Николоски.

