Македонија
Абази се сретна со амбасадорот на Албанија
Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази денеска оствари средба со Фатос Река, амбасадор на Република Албанија во земјава.
Амбасадорот му го честиташе изборот на обвинителот Абази и му посака успешно раководење со обвинителството. На средбата беше истакната заложбата за продлабочување на соработката во областа на борба против тероризмот, корупцијата, економскиот и компјутерскиот криминал, како и меѓународниот организиран криминал.
Абази на амбасадорот му ги презентираше условите за работа и предизвиците со кои се соочува Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и ја истакна потребата за понатамошно унапредување на институционалната соработка меѓу двете земји.
Воедно, на средбата амбасадорот изрази задоволство за досегашната соработка помеѓу органите на прогонот и се заблагодари за несебичната размена на доказите што беа од исклучително значење за албанското обвинителство во предметот „Икона“.
За потсетување, се работи за акција што албанската полиција ја реализира на почетокот на октомври 2013 година кога беа запленети 1.077 икони, артефакти, бронзени и други предмети, што потекнуваат од средниот век. Меѓу запленетите икони беше утврдено дека 21 икона потекнуваат од македонските цркви и манастири. Доказите за извршените кражби на македонските културни добра, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со поддршка на Германската канцеларија за меѓународна помош ги достави до албанското обвинителство.
По завршената тамошна постапка и деветгодишни административни преговори, минатата недела владите на двете земји се договорија по ратификација на Договорот иконите да бидат вратени во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има се до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територија на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење на мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.