Македонија
„Авионот е полн, нема да леташ за Париз“, патник вратен од аеродромот иако имал повратни билети на „Визер“
Патник од Скопје во саботата бил вратен од Меѓународниот аеродром „Скопје“ со објаснување дека авионот за Париз е полн иако имал купено два повратни билета од „Визер“. Откога аеродромската служба му кажала дека авионот е полн, тој побарал објаснување и тука, како што вели, почнала вистинска голгота низ која минал на аеродромот.
„По давањето на пасошите, во рок од една минута нè известија дека нема место на летот, дека сите места се зафатени и дрско ни рекоа дека денес нема да летаме за Париз. Кога прашавме како е тоа возможно кога имаме два билета, службеникот се јави некаде и по долга консултација со некого, рече дека проблем е второто име, не се поклопува со пасошот. Билетот беше за флексибилен партнер, опција што ‘Визер’ ја дозволува, но не беше дозволено онлајн да се впише името и кажав дека веднаш тука на шалтер ќе го впишеме. Ми рече дека треба да платам 6.100 денари за да се впише името на вториот патник, на што се согласив бидејќи се ближеше времето за полетување, но тој ја смени цената на 8.500 денари, па потоа на 14.000 денари и цело време телефонски се консултира со него. Во еден момент ни рече да чекаме ако некој не дојде на летот, да влеземе на негово место. Чекавме 20 минути пред да сфатиме дека сме изиграни“, се пожали патникот.
Побарале помош од аеродромското обезбедување за кои велат дека се обиделе да ги смират, но не можеле да помогнат. Се обиделе на друг шалтер да побараат решение на проблемот, но аеродромската служба повикала полиција.
Од „ТАВ Македонија“ велат дека тие се само поддршка на „Визер“ и нивните агенти на аеродромот постапуваат по правила и упатства на авиокомпанијата, ќе одговорат за инцидентот, но само на патникот
Патникот вели дека билетите ги купил два месеца порано и долго го планирал патувањето. Платил хотел и билети за фудбалскиот натпревар „ПСЖ – Ремс“. Поради летот, му пропаднале речиси 800 евра и најавува дека со тужба ќе бара обесштетување.
Од „ТАВ Македонија“, компанијата што управува со Меѓународниот аеродром „Скопје“, за „Макфакс“ велат дека тие се само поддршка на авиокомпанијата и нивните агенти на аеродромот ги спроведуваат услугите за прифаќање и испраќање на патниците, нешто што се случува на нивните шалтери, но од името на „Визер“ и по нивни правила и инструкции. Нагласуваат дека патниците со купувањето на билетот склучуваат договор со авиокомпанијата и сите натамошни ситуации треба да ги решаваат таму. Ќе одговорат на жалбата од патникот, но само нему, јавно нема да кажуваат детали.
„Во согласност со нашата компаниска политика за приватност и доверливост на бизнис-информациите, како и во согласност со Законот за заштита на личните податоци, нема да навлегуваме во поединечни барања или жалби од патници. Доколку некој клиент ни упати барање или жалба, тој/таа ќе добие одговор и разрешување во согласност со нашата политика за управување со жалби, а притоа ќе бидат почитувани сите закони и прописи“, велат од „ТАВ Македонија“.
Од авиокомпанијата „Визер“ најавија објаснување за инцидентот по разгледувањето на жалбата.
„Визер“ е нискобуџетска авиокомпанија на која од Министерството за транспорт и врски за „Макфакс“ велат дека досега ѝ исплатиле речиси 10 милиони евра за субвенции во периодот од 2012 до јули 2020 година кога договорот беше суспендиран поради корона-кризата, а целосно истече во март минатата година и не беше обновен.
Во Министерството за транспорт во моментот се врши евалуација на доставените понуди од „Визер“, „Луфтханза“ и на Ејџијан ерлајнс“ на повикот за субвенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

