Македонија
АВМУ: Констатирани неправилности при емитување платена јавна пропаганда за референдумот
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со надзорот на медиумското покривање за време на референдумот во периодот од 21 до 27 септември констатираше дека седум радиодифузери го прекршиле Упатството за медиумско претставување за време на референдум.
„Спротивно на точка 34 од Упатството, 1 ТВ емитуваше платена јавна пропаганда во рамките на посебната информативна програма ‘Отворено студио 1’. Истиот радиодифузер, го прекрши Упатството и по друг основ, точка 28, така што на еден реален час емитуваше многу повеќе од дозволените 4 минути и 30 секунди за Собранието на Република Македонија како нарачател на платената јавна пропаганда ‘ЗА’ референдумот. Одвоеното време за овој нарачател драстично го надминува и соодносот на времетраењето на медиумското претставување – 59% ‘за’ и 41% ‘против’ утврден во Правилата за постапување на собраниското Координативно тело во врска со водење јавна пропаганда и нивните измени и дополнувања. За овие прекршувања против радиодифузерот се покренати прекршочни постапки.
Прекршување на точка 28 е констатирано и кај „Алсат – М“, „Канал 5“, „Телма“, „Сител“, „ТВ 21“ и „24 Вести“, но времетраењето на платената јавна пропаганда за еден заинтересиран субјект, во случајот, повторно Собранието на Република Македонија, е во рамките на временскиот сооднос утврден од собраниското Координативно тело.
За овие прекршувања, иако не се во негова директна надлежност, но се во делокруг на регулаторот, расправаше и Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Советот зазеде став дека во услови на недореченост и неусогласеност на релевантната регулатива и различните насоки кои медиумите ги добиваа од ДИК, АВМУ и собраниското Координативно тело, не треба да се покренат прекршочни постапки. Радиодифузерите се придржувале до Правилата за постапување на собраниското Координативно тело во врска со водење јавна пропаганда и нивните измени и дополнувања, согласно кои соодносот на времетраењето на медиумското претставување е 59% „за“ и 41% „против“.
Директорот на Агенцијата, имајќи го предвид ставот на Советот, одлучи да не покрене прекршочни постапки против „Алсат – М“, „Канал 5“, „Телма“, „Сител“, „ТВ 21“ и „24 Вести“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Дали е точна информацијата дека никој не сака да му се нафати на Филипче да му биде во раководството на СДС?
Измина една недела од изборниот дебакл на Филипче и СДС, со којшто спаднаа на 120.000 гласови и се трета политичка партија во Македонија и петта во Скопје. Иако по историскиот пораз минатата недела, Филипче најави реформи и кадровски промени во партијата, сепак се уште јавно ништо нема, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„До нас стигнаа информации, дека Филипче имал проблем со формирање на ново раководство, поради тоа што СДС поради Филипче и неговиот ментор Заев, спадна на едвај 120.000 гласови.
Јавно прашуваме,
Дали е точна информацијата дека на Филипче му одбиваат функции во СДС, луѓе кои важеле за големи поддржувачи на СДС и поранешни активисти?
Дали и некои од тие луѓе не сакале да бидат дел од раководството на СДС, затоа што не го сметаат Филипче за нивен претставник“.
Ова што му се случува на СДС, како што рече, не му го посакуваме никому.
„СДС важеше за партија со историја, кредибилитет и квалитетен кадар. Меѓутоа, она што Заев, Ковачевски и Филипче му го направија на СДС се должи на ароганцијата и предавствата што ги направија.
Итни реформи во СДС и оставка на Филипче. На ВМРО-ДПМНЕ му е потребна силна опозиција, а не партија без кредибилитет со Венко Филипче на чело“.
Македонија
Герасимовски: Отстрануваме 10 диво поставени објекти, нема толеранција за кршење на законите
Инспекциските служби на Општина Центар спроведоа вонредни инспекциски надзори на плоштадот „Филип Втори“ и на влезот на Старата скопска чаршија.
При контролата беше утврдено постоење на повеќе диво поставени и заградени објекти.
За истите се донесени решенија за нивно отстранување, во рок од 5 дена.

Доколку сопствениците не ги отстранат објектите во наведениот рок, Општина Центар ќе пристапи кон нивно отстранување.
Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека општината останува посветена на одржување на јавниот ред и достоинствениот изглед на строгиот центар на градот.
„Општина Центар нема да дозволи узурпирање на јавен простор. Ќе продолжиме со континуирани контроли за да го зачуваме редот, безбедноста и автентичниот изглед на просторот,“ посочи Герасимовски.
Македонија
Граѓаните да бидат внимателни и да не отвораат лажни електронски пораки во име на директорот на БЈБ, предупредува МВР
Министерството за внатрешни работи известува дека до неколку граѓани од страна на сторители што лажно се претставуваат во име на директорот на Бирото за јавна безбедност се упатени лажни покани во врска со наводна тековна истрага.
Во пораките се даваат насоки за 24 часа да се оди до полициска станица или да се испрати повратен имејл бидејќи наводно примачот на пораката е предмет на кривични истраги за низа кривични дела, како што се детска порнографија, педофилија и трговија со дрога.
МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажни пораки, кои не се испратени од страна на Бирото за јавна безбедност при МВР.
„Овие електронски пораки се класичен обид за измама, во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните, со цел нивна понатамошна злоупотреба. Покани до граѓаните за истражни постапки од страна на МВР не се испраќаат преку имејл-адреси.
Апелираме до граѓаните да не отвораат ваквите пораки, да не се контактира испраќачот и никако да не се споделуваат личните податоци што ги бараат измамниците. Исто така, апелираме граѓаните да не ги отвораат линковите и датотеките што се испратени во прилог на која било електронска порака која доаѓа од непознат испраќач со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер“, соопшти МВР.

