Македонија
АВМУ: Правилата за платена политичка програма во фокусот на првиот јавен состанок
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го одржа првиот јавен состанок за 2019 година, на кој директорот на Агенцијата, Зоран Трајчевски, ги презентираше активностите од изминатиот квартал, спроведени согласно со Годишната програма за работа на Агенцијата – извршените надзори врз радиодифузерите, издавачите на печатени медиуми и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, мониторингот на изборното медиумско известување за претседателските избори, изречените мерки-јавна опомена, меѓународните активности.
Во пресрет на кампањата за претседателските избори 2019 година и за локалните избори во општините Дебар, Ново Село и Охрид, Агенцијата на состанокот потсети на правилата кои се однесуваат на изборното медиумско претставување на радиодифузерите, а со посебен акцент беше ставен на имплементацијата на одредбите за платено политичко рекламирање (ППР).
Во однос на начинот на распределба на времето за платено политичко рекламирање, во текот на изборните кампањи 2019 година, радиодифузерите и во првиот и во вториот круг на гласање, можат да одвојат вкупно 9 минути на реален час програма. Ваквата распределба на времето важи за радиодифузерите кои емитуваат програма на национално ниво и за радиодифузерите на регионално и на локално ниво кои емитуваат програма во општините во кои се бираат градоначалници, како и за радиодифузерите кои ќе емитуваат платено политичко рекламирање само за кандидатите за градоначалници. Радиодифузерите кои ќе емитуваат ППР само за претседателските избори, и во првиот и во вториот круг на гласање, можат да одвојат вкупно 8 минути на реален час програма. Спојувањето на платеното политичко рекламирање во два последователни реални часа, не смее двапати по ред да биде за ист кандидат за претседател или за ист подносител на листи на кандидати за градоначалници.
Распределбата на времето за бесплатно политичко претставување на Собранискиот канал, треба да се применува во текот на секој круг гласање за претседател на државата и градоначалник, односно вкупно 3 часа бесплатно политичко претставување за кандидатите за претседател, и вкупно 1 час за кандидатите за градоначалници, распределено еднакво меѓу кандидатите.
Во овој период радиодифузерите што одлучиле да го покриваат изборниот процес, треба да ги почитуваат обврските за известување на правичен, избалансиран и непристрасен начин во својата вкупна програма, а на учесниците во кампањата да им овозможат подеднакви услови за пристап, до сите облици на изборно медиумско претставување.
Агенцијата, како и во претходните изборни циклуси, активно ќе го следи известувањето на радиодифузерите и сите материјали, извештаи од мониторингот над радиодифузерите ќе ги објавува на својата веб-страницата, во посебниот банер Избори 2019.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

