Македонија
АВМУ: Сопствениците на медиуми и нивните блиски не смеат да им се закануваат на новинари

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осуди однесувањето на синот на сопственикот на „1ТВ“, Бојан Јовановски, кој вербално ѝ се закани на новинарката на агенцијата „Макфакс“, Мери Јордановска, поради нејзините јавни критики за емисијата „Македонски инсајдер“, која се емитува на оваа телевизија.
„Секој вид на притисок или закана од страна на лице на менаџерски позиции или блиски до нив врз новинари, претставува загрозување и кршење на слободата на изразување и информирање. Ваквите појави негативно се одразуваат на слободата и независноста на медиумите, водат кон појава на автоцензура и придонесуваат за уназадување на демократскиот развој на општеството“, велат од АВМУ.
Од Агенцијата потсетуваат дека согласно со Законот за медиумите, новинарот има право на изнесување на свое мислење и став, согласно со професионалните правила на новинарската професија. Од друга страна, Законот за аудио и аудиовозуелни медиумски услуги им наложува на радиодифузерите при вршење на дејноста да ги почитуваат самостојноста, независноста и одговорноста на уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредувачката политика, додава АВМУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, попладне со појава на нестабилност и краткотраен пороен дожд

Времето денеска, променливо облачно со сончеви периоди.
Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Попладне ќе има локална појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 13, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди.
Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 24 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд. Во недела и во понеделник наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме пред претседателската вила во присуство на основци од Скопје

Ученици од скопските основни училишта „Ѓорѓија Пулевски“, од општина Аеродром, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од општина Кисела Вода, денеска го посетија Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Придружени од своите наставници, учениците ја проследија свечената церемонија на менување на државното знаме. Оваа церемонија се одржува секој втор петок во месецот и се реализира од Баталјонот за почести при македонската армија како израз на почит кон македонското знаме, како државен симбол.
По завршувањето на свечениот чин, младите посетители ги разгледаа просториите на Кабинетот и разговараа со претседателката за нејзините работни обврски, но и за личниот живот, почнувајќи од детството, школските и студентски денови, како и професорската кариера.
Во разговорот со учениците, претседателката ги охрабри да учат и да веруваат во себе, да го почитуваат знаењето, оти тоа ќе ги направи компетитивни, сигурни и успешни.
Македонија
Авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Согласно добиено известување од Град Скопје- Сектор за комунални работи, Регионалниот центар за управување со кризи -Скопје информира дека на ден 11.05.2025 година (Недела) во раните утрински часови ќе се изврши Авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во ист термин, велат надлежните.
Се известуваат пчеларите навремено да ги превземат потребните мерки за заштита на пчелите.