Македонија
Аврамовска-Мадиќ за изборот на претседател на СДСМ: До 14 часот, излезени се 6.706 избирачи или 28,61 отсто
СДСМ денеска на вонредни внатрепартиски избори избира нов лидер на партијата. Претседателката на Централната изборна комисија за избор на претседател на СДСМ, Викторија Аврамовска-Мадиќ информираше дека според пресекот направен во 14 часот, излезени се 6.706 избирачи или 28,61 отсто.
„Утринава во 8 часот се отворени 77 избирачки места, гласањето ќе трае до 20 часот. Во моментов пресекот што го направи Централната изборна комисија во 14 часот е од вкупно запишаните избирачи на избирачкиот список за избор на претседател на СДСМ, излезени се 6.706 или 28,61 отсто“, информираше Мадиќ.
Додаде дека по завршувањето на гласањето во 20 часот ЦИК ќе информира за резултатите од денешните избори, како и за вкупната излезност.
Во врска со забелешките од страна на кандидатот за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски, дека голем број членови на партијата не им било овозможено да гласаат, Мадиќ рече дека станува збор за мал број на гласачи кои не биле активно регистрирани.
„Станува збор за многу мал број на гласачи, на ниво на Македонија не се ни околу дваесет. Морам да напоменам дека денеска право на глас имаат сите оние кои што се запишани во избирачкиот список, активно се регистрирале на два начини, едниот е онлајн или со пријава во општинската организација и во себе поседуваат црвена членска книшка, бидејќи системски мора да гласаат преку читачот. Сите оние кои ги има во избирачкиот список, а во моментот немаат книшка ја изгубиле или е општетена, ЦИК издава членски книшки кои имаат желба да дојдат да ја подигнат преку општинската организација. Вчера имаше издавање на членски книшки и во текот на денот кажавме дека сето тоа може. Станува збор за многу мал број на лица кои тврдат активно се регистрирале, а системот не ги покажува дека на ниту еден начин биле активно регистрирани“, рече Мадиќ.
Кандидатот за нов лидер на СДСМ Јован Деспотовски денеска по гласањето во Општина Карпош изјави оти очекува дека до крајот на денот ќе се почитува принципот на демократски изборен процес, но потенцираше дека има информации за голем број на членови на партијата на кои што им било оневозможено да гласаат. СДСМ, како што рече, е политичка партија која што во ниту еден момент не смее да си дозволи своите членови да ги враќа од избирачките места.
Изборот на претседател ќе се изврши од вкупниот број на излезени, односно оној којшто ќе оствари 50 плус 1 отсто од гласовите на излезените, доколку тоа не се случи тогаш гласањето ќе се повтори во втор круг.
Избирачкиот список ќе брои вкупно 23.373 акредитирани членови на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски: Агресијата на Русија врз Украина има сериозни реперкусии врз регионалната безбедност
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес учествуваше и се обрати на Министерскиот совет на ОБСЕ, кој се одржува во Виена, Австрија.
Во своето обраќање пред министрите за надворешни работи и останатите високи претставници на земјите учеснички, министерот Муцунски се осврна на безбедносните предизвици со кои се соочува регионот на ОБСЕ, како и на состојбите во рамките на Организацијата.
„Реафирмирајќи ја нашата посветеност на темелните вредности и заложби на ОБСЕ, тој ги посочи сериозните реперкусии од агресијата на Руската Федерација врз Украина врз регионалната безбедност и сигурност, како и нејзиното штетно влијание врз внатрешните односи во рамките на Организацијата, поларизацијата, отсуството на суштински дијалог и недовербата. Во оваа смисла, министерот изрази поддршка за мировните напори, иницијативи и дипломатски разговори што се водат од двете страни на Атлантикот“, соопштија од Министерството.
Министерот посвети особено внимание на состојбите во ОБСЕ и сложената политичко-безбедносна ситуација. Говорејќи за структурната криза во која се наоѓа Организацијата, тој ја истакна неопходноста од нејзино надминување и потенцира дека на ОБСЕ ѝ е потребна оперативна предвидливост и непречена функционалност.
„Нам ни е потребна модерна, отпорна Организација, ориентирана кон актуелниот контекст. ОБСЕ, како основа на колаборативната безбедност, подготвена активно да го поддржува мирот и да игра истакната улога во закрепнувањето на Украина“, подвлече Муцунски.
Осврнувајќи се на повикот за зголемена „отпорност“, како централна тема на состанокот, министерот истакна дека во денешното безбедносно опкружување отпорноста се однесува на подготвеноста и способноста на земјите учеснички да одговорат ефикасно на сегашните и идните безбедносни предизвици.
Во тој контекст тој ја нагласи важната улога на теренските мисии на ОБСЕ, потенцирајќи дека тие претставуваат катализатори на трансформација, дизајнирани да ги зајакнуваат државите во реализацијата на нивните стратешки приоритети. Тој посочи дека, гледано низ призма на денешниот сложен безбедносен контекст, отсуството на политича волја во поддршка на нивната стратешката агенда, или уште повеќе, тенденцијата на активно превенирање претставува стратешка кратковидост, што се коси со колективните напори за изградба на мирољубиви, стабилни и просперитетни општества.
Муцунски додаде дека македонското општество, и покрај сите пречки и предизвици, демонстрираше јасна посветеност за остварување на европските аспирации.
Со реализацијата на оваа стратешка цел, рече тој, нашиот регион ќе се трансформира од граница во мост на ЕУ, во генератор на стабилност, иновации и идеи, како и заштитник од нестабилност и штетни влијанија.
Во продолжение, министерот се осврна на ангажманот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, истакнувајќи ја нејзината важна улога во поддршка на националната реформска агенда. Тој посочи дека идната улога на Мисијата треба да кореспондира со новата реалност и опкружувањето во кое ОБСЕ функционира во државата, земајќи го предвид исчекорот во стратешките приоритети, реформскиот напредок и институционалната зрелост. Во таа насока, идниот ангажман и присуството на ОБСЕ треба да бидат насочени кон поддршка на тековните и идните реформски приоритети на Владата.
Македонија
СДСМ за пријавата против Костадинов: Монтиран случај
Фатена во криминал до гуша, власта на Мицкоски посегнува по политички прогон, џабе ви е, сите ќе одговарате, велат од СДСМ, по објавата на веста за кривичната пријава против поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов.
„Новите бомби ја стресоа Власта на Христијан Мицкоски. Фатена во криминал до гуша за испумпување на парите на граѓаните власта посегнува по политички прогон. Како што се зголемува бројот на скандали за криминалот на власта така се зголемува нервозата, а со тоа и монтираните процеси, како последниот случај со електричните автобуси во Струмица. Истата криминална матрица на Никола Груевски ги спроведува истите методи. Тоа е истата стара банда која повторно ќе биде поразена. Џабе ви се заканите, џабе ви се монтираните процеси, се ви е џабе. Не ви се плашиме. Допрва ќе се чешате, допрва ќе ви станува непријатно, допрва ќе ве болат главите. Новите бомби се спремни. Имаме докази за вашиот криминал и се ќе објавиме. А на крај ќе одговарате. Работата се уште не е завршена“, велат од СДСМ.
Македонија
(Видео) Татко на една од жртвите: Загрижува што обвинетите се однесуваат како оштетени и како првпат да слушаат за дискотеката „Пулс“
Загрижува фактот што обвинетите продолжуваат да добиваат јавен простор за изјави и медиумски настапи иако се соочуваат со сериозни обвиненија за последиците од настанот во кој беа уништени 63 животи и зацрнети 200 семејства, изјави Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова, по денешното судење за пожарот.
„Се однесуваат како тие да се оштетени, како да не знаат зошто се обвинети, како првпат да слушаат дека дискотеката ‘Пулс’ постоела. А работела и постоела цели 13 години. Иако правото на одбрана е неприкосновено во секоја правна држава, еднакво е важно јавниот дискурс да биде чувствителен кон жртвите и семејствата што минуваат низ долготрајна траума. Гласот на родителите, семејствата и на сите засегнати мора да биде во центарот на вниманието“, рече тој.
Додаде дека имаат легитимни очекувања оти институциите ќе постапат брзо, одговорно и објективно, без пролонгирање.
„Ние сме луѓето што секојдневно се борат со последиците од трагедијата. Ние имаме легитимни очекувања дека институциите ќе постапат брзо, одговорно и објективно, без пролонгирање. Семејствата и граѓаните очекуваат пресуда која ќе ја одрази тежината на трагедијата и ќе испрати порака дека животот на секој граѓанин е вредност што мора да биде заштитена. Токму тоа е основата врз која се гради довербата во правниот систем и функционалноста на институциите“, рече Наунов.
Истакна дека вистината, отчетноста и правдата не смее да останат само формални и одредби на хартија и дека тие мора да се манифестираат преку конкретни резултати, одговорни одлуки и целосно исполнување на законските обврски во интерес на жртвите, нивните семејства и целата јавност.

