Македонија
Аврамовска-Ѓореска: Жените во ЛДП не сакаат да бидат само квота, тие се борат за придонес со квалитет
Жените не се бројка туку се наш квалитет, заклучија учесниците на Петтото Собрание на Форум на жени на Либерално-демократската партија што се одржа во Скопје.
Пратеничката од македонското собрание и потпретседателка на ЛДП, Јулиана Николова преседаваше со Форумот. Таа потенцира дека изминатиот период заеднички работеле на интензивна едукација, во која е вложено многу труд, во соработка со меѓународните организации FNF, ALDE, VVD, Liberal International, NDI, со цивилниот сектор од нашата земја, како и со огромна поддршка на машките колеги.
„Во изминатиот период постигнавме многу. На последните парламентарни избори, три од пет кандидати за пратеници беа жени. Од три пратеници кои влегоа во Собранието, две се жени. Речиси 50% од советниците на ЛДП во општинските совети се жени. Морам да истакнам и дека од четири потпретседатели во партијата, две сме жени. Сигурна сум дека новото раководство ќе биде уште поуспешно, дека жените и понатаму ќе бидат еден од главните столбови во партијата и дека и жените ќе имаат одговорни функции, не поради квоти, туку поради квалитетот и исполнителноста“ истакна Николова.
Додаде дека од позицијата на потпретседателка на партијата, останува посветена на родовата еднаквост и учеството на жени во политика. Таа се заблагодари на целиот тим, сите жени на ЛДП кои несебично го дадоа својот придонес во сите политички и партиски активности, за сите посветени моменти на работа но и незаборавни дружења и трајни пријателства. Посака успех на новата претседателка на Форум на жени на ЛДП, Билјана Аврамовска Ѓореска.
„Кога ја поднесов кандидатурата ме следеше силна емоција за мојата поврзаност со ЛДП цели 22 години партиски ангажман, буквално пораснав со ЛДП, созреав во политичка личност и така сакам да остарам. Пред вас стои жена, мајка, сопруга, пријателка, либералдемократка која цврсто верува дека во жената се наоѓа моќта да создава, да се грижи и да менува. Жените во ЛДП секогаш размислуваат различно, со аргументирани ставови. Затоа, како претседателка сакам сите заедно да постигнеме зголемување на жените во извршната власт, почитување на индивидуата, да ја шириме мисијата и визијата за просперитетна држава. Буквално, сакам жената да остави траен историски печат во општеството преку политичкото дејствување“ истакна Билјана Аврамовска Ѓореска, новата претседателка на Форум на жени на ЛДП.
Честитки за новата претседателка дојдоа и од врвот на партијата, претстедателот на партијата, Горан Милевски и останатите, потпретседателката Моника Зајкова, како и потпретседателите Зоран Шапуриќ и Игор Вељаноски.
„Особено сум горд на жените во партијата, честитки за новоизбраната претседателка на Форум на жени на ЛДП. Сакам да потенцирам дека продолжуваме да се бориме заедно со жените, тие константно се движечка сила, сите заедно размислуваме различно и овој период интезивно носиме резолуции и одлуки за либералните вредности кои итаат кон патот до ЕУ“ додаде Милевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

